ВМРО две третини од донираните средства ги добил од приватна компанија за амбалажи

by Фокус

ВМРО-ДПМНЕ во минатата 2018 година добил 9 донации во вкупен износ од околу 14.500 евра (901.380 денари), од кои 7 биле од физички лица, а две од приватни компании, покажува регистарот на донатори што опозициската партија го доставила до Управата за јавни приходи.

Според извештајот, компанијата „Бас Тути Фрути“ донирала околу 600.000 денари, што впрочем претставува две третини од вкупната сума што ВМРО-ДПМНЕ ја собрала по основ на донации. Според податоците од Централниот регистар, оваа компанија за производство на пластични анбалажи, формирана далечната 1992 година, е во сопственост на Беџет Морина, додека управител е Сали Морина.

Останатите 300.000 денари претставуваат донации од Кожувчанка на актуелниот градоначалник на Кавадарци и довчерашен потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Митко Јанчев, како и на неколку физички лица – Митко Тодоровски (60.000 денари), Игор Ристевски (60.000 денари), Стојанче Филиповски (54.000 денари), Роберт Андонов (40.000 денари) итн.

Инаку, годишната сметка на ВМРО-ДПМНЕ за изминатава 2018 година покажува дека опозициската партија остварила приходи од 1.8 милиони евра (114.760.759 денари) и расходи од 1.65 милиони евра (101.473.883 денари). Во споредба со 2017 година, се бележи пад и кај приходите и кај расходите на партијата.

Колку за споредба, ВМРО-ДПМНЕ во последната цела календарска година кога беше на власт – 2016 година, пред да ја загуби централната и безмалку целокупната локална власт во 2017 година, поствари годишни приходи во износ од рекордни 4,2 милиони евра.

В.С.

Поврзани новости