„Се ми зеде животе“, „Ако згрешам нека изгорам“, „Сине мој“, „Заветна“, „Друга љубов не сакам“… се антологиски песни испеани од легендарниот фолк пејач Пепи Бафтировски, кој почина во април 2008 година. Човекот кој и остави на Македонија ризница од патриотски песни, кои и по 15 години од неговата смрт се предизвик за многу негови помлади колеги кои снимија нивни обработки, почина во туѓина, во Чикаго, на 66-годишна возраст по битката со рак на белите дробови.
Неговиот хит „Ако згрешам нека изгорам“ за првпат го изведе на Фолк фест Валандово во 1988 година, кога ја освои првата награда од публика. Подоцна, во 2014 година обработка на песната промовираше Каролина Гочева, но истата песна ја отпеа и Аки Рахимовски, снимена во студиото на браќата Тавитјан во Скопје. Неговата верзија беше објавена по неговата смрт.
И младата Антонија Гиговска пред неколку години настапи со истата песна во соседна Србија, на регионално музичко шоу.
Потоа, пред четири години се случи големо враќање на неговата „Заветна“ во етерот, и тоа најпрвин во изведба на Андријана Јаневска и Игор Дурловски. Тие ја снимија верзијата на песната по повод празникот 8. Септември, Денот на независноста во 2019 година.
Автори на „Заветна“ се Миле (музика) и Ѓорѓи Барбаровски (текст), кои ја создале песната пред повеќе од 30 години, и и дозволиле на Јаневска да ја преработи. Песната се пееше на протестите против францускиот предлог за наш влез во ЕУ.
Верзија на „Заветна“ беше изведна и во серијата „Преспав“, а минатата година нејзина блуз верзија снимија и Игор Џамбазов и Гуру Харе.
Сега, во изминативе два месеци „Заветна“ е актуелна и во изведба на Бојана Скендеровски, во аранжман на Николче Мицевски, како дел од патриотскиот музички проект „Македонијо, во срце те носиме“.
Песната стана еден вид на неформална химна на Македонија, а била создадена на барање на Пепи, кога кон крајот на осумдесеттите години се вратил од САД, и сакал на новиот албум да има и патриотска песна.
Речиси сите големи хитови на Бафтировски се отпеани од негови помлади колеги, и се дел од репертоарите на многу наши пејачи кои имаат настапи во локали, а нивните верзии на музичкиот канал Јутјуб имаат стотици илјади прегледи.
Музичарот кој им остави на генерациите богата ризница од безвременски песни, по потекло е од Битола и живеел во близина на Старата чаршија и битолскиот пазар.Тој ги имал своите музички почетоци во тамошното радио, каде пеел во живо во емисии, а потоа заминал во Америка на печалба.
Кон крајот на осумдесеттите години на минатиот век се вратил во Македонија и го привлече вниманието на јавноста со своите емотивни изведби на реномираниот фолк фестивал Валандово.
Сите песни кои ги отпеа на валандовскиот фестивал во годините кои следуваа, станаа големи хитови.
Се ожени со неговата колешка Ава Керш, а поради големата разлика во години (тој беше околу 20 години постар од неа) често беа на мета на предрасуди. Ги добија ќерката Марина и синот Емил, и во 2003 година се преселија во Чикаго.
Иако беше голема музичка ѕвезда во тој период, тој решил да започне нов живот со семејството во Америка.
Во 2007 година се разделиле со Ава, но останале во пријателски односи се до крајот на неговиот живот, април 2008 година.
Човекот кој ги отпеа најубавите новокомпонирани патриотски песни, почина во туѓина, но бил опкружен со најблиските, и како што во повеќе наврати истакна Ава, негова желба била да биде погребан во Чикаго, за да може семејството да му го посетува гробот.
Откако пред девет години во етер се објави верзијата на Гочева, поранешната сопруга на Пепи, Ава Керш ни изјави дека тој ќе бил горд, бидејќи уште кога за првпат ја слушнал Каролина како пее, додека уште била на нејзините музички почетоци, и кажал на Ава дека верува како таа ќе направи солидна музичка кариера.
Околу тоа што голем број на пејачи ги изведуваат неговите песни на разни настани, а се објавија и повеќе обработки, тогаш Ава истакна дека тоа само кажува колку бил Пепи големо име во музиката.
-Фактот дека квалитетни пејачи се трудат да ги препејат песните на Пепи кажува за неговата величина и незаменливост! Моето мислење е дека Пепи бил и ќе остане пејачка легенда во Македонија. Ми се чини дека секој глас е незаменлив, меѓутоа уште еднаш мајка не може да роди таков квалитет и уникатност- ни изјави Ава уште пред неколку години.
Вики Клинчарова