Петмина кандидати за нов Народен правобранител, меѓу нив Насер Зибери и Фехми Стафа

by fokus

Петмина кандидати се пријавилиле на огласот за избор на нов Народен правобранител, а меѓу нив се Насер Зибери, кандидатот на ДУИ за премиер на последната педизборна кампања и Фехми Стафа, актуелен државен правобранител. Од Собранието за Фокус брифираат дека за ова место освен Зибери и Стафа се пријавиле и Сашко Костов, Ана Чичаковска Анастасовска и Светислав Јовановски.

Зибери е поранешен пратеник и нотар кој во медиумите често се појавуваше како независен екепрт, а неговото име дека ќе биде нов Народен правобранител се врти од пред неколку месеци. Актуелниот државен правобранител Фехми Стафа стапи на оваа функција кога крилото на БЕСА предводено од Африм Гаши, кое подоцна ја формираше политичката партија Алтернатива, стана дел од мнозинството и власта на Зоран Заев во 2018 година. Партиски извори велат дека тој не бил дел од партијата по нејзиното основање и во периодот кога го направи најголемиот успех на парламентарните избори во 2016 година, туку се вклучил подоцна. Сепак, денес од Алтернатива на Гаши отфрлуваат секаква поврзаност со Стафа, што, според упатените, се должи на негово дистанцираше од БЕСА/Алтернатива и негово приближување до ДУИ, односно до вицепремиерот Артан Груби. Неофицијално, лидерот на СДСМ и премиерот Зоран Заев не е задоволен од неговата работа и не би имал ништо против доколку биде променет.

Иако на 24 септември почнаа да течат последните три месеци од мандатот на Иџет Мемети, Собранието уште нема избрано негов наследник. Според информациите од таму, огласот за нов правобранител е завршен и сега се прави евалуација на биографиите. -Во координација со пратеничките групи ќе се усогласат, потоа треба да поминат на Комисија за избори и именувања, па Комисијата ќе достави предлог до пленумот, велат од Собрание.

Мандатот на Мемети му завршува на 24 декември, осум години по „црниот понеделник“ кога беше изгласан повторно за правобранител и кога не реагираше при исфрлањето на пратениците од опозицијата и новинарите од Собранието.

Иако на оваа функција треба да седне некој кој беспоштедно ќе ги застапува човековите права, сепак се позивесно е дека и новиот правобранител ќе биде договорен меѓу СДСМ и ДУИ, со оглед на тоа што е предвидено да се бира со Бадинтерово мнозинство. Тоа значи дека Собранието го избира Народниот правобранител со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците што не се мнозинство во Македонија.

Фокус пишуваше за деспотскиот однос на Мемети на којшто се жалеа вработени во институцијата, но и за сомнежите за злоупотреба кои ги истражува Антикорупциската комисија. Сепак и покрај ова и 16 години на чело на институцијата Народен правобраните, Мемети се спрема сега да стане член на Советот на јавни обвинители.

Ф.Ф.С.

 

Поврзани новости