Не планираме да поставуваме нови барања во разговорите за формирање на нова влада со новиот мандатар, вели Тито Петковски, лидер на НСДП, која во Собранието има двајца пратеници, а нејзини кадри директоруваат со неколку институции.
–Ние јасно порачавме дека немаме намера да уценуваме, нашите заложби се имплементирани во актуелната владина програма и немаме никакви поинакви или поголеми барања при формирање на новиот владин кабинет со новиот мандатар – изјави тој за Фокус.
Иако Алтернатива го искористи повлекувањето на Беса да добие голем дел од владиниот колач, сепак, Петковски смета дека неопходно е да се стабилизира мнозинство и да се формира влада што ќе управува до крајот на мандатот.
Како што објавивме, новиот лидер на СДСМ и иден мандатар Димитар Ковачевски, заедно со се уште актуелниот премиер Зоран Заев, ќе одржат низа поединечни средби со претставници на коалициските партнери, кои се дел и од парламентарното мнозинство.
Во таа насока, двоецот Ковачевски-Заев ќе се сретне и со претседателот на Демократски сојуз Павле Трајанов, кој ни изјави дека ќе настапат со став нивните програмски приоритети да бидат дел од програмата за работа на идната влада, што вклучува формирање на Агенција за тешки облици на криминал, воведување на една наместо изборна единица, основање на фонд за истражувачко новинарство…
И првите луѓе на ЛДП и ДОМ, Горан Милевски и Маја Морачанин, најавија дека со нова платформа ќе влезат во преговори за нова влада, која, како што ни изјавија тие, ќе биде во насока на афирмирање на веќе договорени проекти, но и на сосема нови проекти.
В.С.