Политичката криза која ја преживува Македонија освен што на површина го исфрли авторитарното и криминално владеење на власта, ги покажа и длабоките системски проблеми поврзани со бруталната партизација и инструментализација на институциите и ресурсите на држава, што делува поттикнувачки на процесот на иселување на младите од земјава, рече претседателот на НСДП, Тито Петковски во своето обаќање на изборната конференција на локалниот клуб на младинската организација НСДМ на НСДП во Прилеп, викендов.
Петковски истакна дека изминативе години владеењето на Груевски предизвика масовен егзодус на младата генерација од државата.
– Високата невработеност, изедначувањето на државата и владејачката партија, економската бесперспективност и социјална несигурност, ги доведоа во ситуација младите својата иднина да ја гледаат и бараат надвор од државата. Повеќе не можеме да зборуваме само за печалбарство, како форма на привремено иселување од државата од економски причини, туку за целосно иселување без размислување за враќање назад. Ова е хроничен проблем со чие соочување повеќе не можеме да бегаме. Затоа изборите на 24 април се шанса не само да се прекине владеењето на еден авторитарен режим, туку да и се испрати порака до младите дека Македонија може да биде една нормална европска земја, во која младите без форми на било какви политички уцени и притисоци може да ја бараат и градат својата иднина овде, а не по земјите во Западна Европа, Америка, Австралија – рече Петковски.