Аларм

by Фокус

Пишува х. Сулејман еф, Реџепи

Деновиве, си отиде од овој свет мојата сопатничка со која што преку четириесет години минувавме низ предизвиците што ги носи животот. Алах дава живот и Алах го зема кога ќе посака. Спомените остануваат засекогаш а нашето повинување пред законот на Творецот е фактот  што ja докажува вербата. Така ја надминуваме ние болката и тагата.

Но, кога Алах ќе одлучи да прекине нечие гостување на овој свет Тој всушност ни испраќа  порака и на нас живите. Ни порачува дека животот е многу краток и затоа треба да го цениме, да му се радуваме и да го почитуваме, треба зад себе да оставиме барем еден мал траг дека на овој свет сме се потрудиле да градиме, а не да рушиме.

Кој е основниот предуслов за да го вкусиме вистински нашето право дадено од Бога за исполнет живот, за слобода, за надеж, како да го постигнеме заедничкото добро во времињата во кои што многу малку луѓе се спремни да го понесат товарот на одговорноста?

Соочени со многуте предизвици на мултукултурализмот, на убиствениот ритам на современата комуникација и технологија, сите ние како да ги задскриваме фактите и должностите што ни бодат очи секој ден, секој миг. Такви какви што сме станале, ние забораваме дека треба да градиме мостови и  врски меѓу културите, меѓу традициите и начините на живеење.

Етика и политика 

Пред некое време прочитав една информација за еден марш на децата во еден град во Македонија. Маршот бил одржан под мотото “ Децата за светлината и за добрто“. Убавина и милина, бидејќи децата само светлина и добрина зрачат и носат. Се разбира, ако се воспитуваат да ја сакаат светлината и добрината.

Но, како што бива обично кај нас, иницијативата на учителите по етиката на религиите, и не била толку светла и толку добра бидејќи кај децата маскирани во ангелчиња можеби предизвикала и некои други чувства, не толку убави и толку благородни.

Едно детенце, учесник во тој марш, изјавило  “Ние учевме и научивме декa треба да ги славиме само убавите празници, а не празниците на другите вери…“.  Оваа изјава, кажана на толку наивен и детски начин, за жал, потврдува дека и децата во училиштата се подложени на фрустрации што им ги пренесуваат тие што би требало да ги учат за вистинските вредности на сите вери. И, тука се активира алармот.

Се активира, затоа што децата би требало да учат дека не постојат “ убави верски празници“ и “ неубави верски празници“. Ако учителот по етика сакал да ги држи по на страна децата од, да кажеме,“ Halloween“, би требало барем да се обиде да им објасни дека “Ноќта на вештерките“ воопшто не е верски празник, дека тоа е една паганска традиција која што е директно спротивставена и на правилата и верувањето на католиците и католичката црква.

Како што тргнале работите, се плашам дека децата во Македонија ќе почнат да ги учат дека и “ Бајрамот е лош празник“, дека “ Рамазанот не е никаков посебен месец“, па потоа нели децата ќе ги учиме дека “ Божиќот и Велигденот се неубави празници“, па се така, од лошо по лошо. Но, децата што на споменатиот марш беа маскирани во ангелчиња со време ќе треба да ги маскираме во ѓаволи. А вината нема да биде детска, ќе биде на сите нас што се трудиме да  испомешаме две работи што никако не одат една со друга – етиката и политика.

Џамиите не се галерии

Во градот во кој што децата учат за убавите и неубавите празници и во наставниот процес ги прескокнуваат содржините што говорат за другите вери, на врвот на саат кулата која што е профан објект на исламската архитектура, стои еден крст. Таму постои и “Јени џамија“, изградена 1552 година, а со цел како и во сите џамии, муслиманите да се молат на својот Творец, Севишниот Алах. Во времињата кога во соседството ни, Енвер Хоџа ги претвораше џамиите во фискултурни сали, “Јени џамија“ стана галерија. Можеби со цел да и се докаже на Албанија дека не е само таа “атеистичка држава“.

Од тогаш минаа педесетина години а ИВЗ се уште не успева да и ја врати вистинската намена и функција на својата џамија бидејќи таа ти била државна своина и требало да биде галерија.            Државата Македонија има во сопственост џамии, што е многу интересно, но за чудо не сме слушнале дека поседува некоја црквичка. Останувам со надеж дека барем  наставниците по етика на религиите во градот што џамијата ја претворила во галерија, нема да се досетат да организираат некој марш под мотото “ Да ги сочуваме убавите верски објекти а неубавите да ги претвориме во галерии или во нешто друго“. Македонија, и се е можно. Зарем не?

Во секој случај, примерите што ги наведов воопшто не одат во полза на негувањето на мултиконфесионалноста и мултиетницитетот. Напротив, тие ја промовираат и ја негуваат идејата за доминација на една вера над останатите, отфрлајќи ги желбата, волјата и потребата на оваа држава за искрена  толеранцијашто би требало да биде опиплива и видлива во секојдневниот живот. Да играш улога на демократ, на толерантен и на добронамерен е сосема различно од тоа да си навистина демократ, толерантен и добронамерен. Впрочем, на глумците им е местото во театар.

Дефинитивно, мултикултурните општества се подарок од Бога а луѓето и државите што не умеат да го искористат на вистински начин тој подарок, си ја сечат гранката на која што седат. Различитоста треба да ја потикнува толеранцијата и друштвената поврзаност, а тие двете пак заедно произведуваат дијалог кој што треба да ги спречи говорот на омраза и конфликтот.

Што е тоа толку тешко да се свати во во оваа приказна ? Кој дел од Божјите пораки не ги разбираме туку се обидуваме да ги адаптираме на нашите желби без оглед на нашата маленкост?

Поврзани новости