Лесно може да ја урнат владата, но тешко ќе направат нова – вака лидерот на НСДП Тито Петковски ја коментира вчерашната најава на опозициските ВМРО-ДПМНЕ, Левица и АА дека со БЕСА имаат ново парламентарно мнозинство, кое, како што порачаа, доколку премиерот Зоран Заев не поднесе оставка, ќе избере нова влада или ќе се организираат предвремени парламентарни избори.
–Оставката на премиерот повлекува оставка на цела влада и тогаш ситуацијата е иста како и при евентуално изгласување на недоверба на владата. Вчерашниот настан што се случи поради револтот на БЕСА за Желино не значи ништо ако на седница 61 пратеник не изгласаат недоверба на владата. Тоа верувам дека лесно може да го направат, но сметам дека истата структура тешко ќе формира нова влада, поради личните и концепциски разлики – изјави Петковски за Фокус.
Лидерот на владејачката НСДП, кој е поранешен пратеник и претседател на парламентот, додава дека доколку новото парламентарно мнозинство не добие мандат од претседателот на државата и не избере нова влада во собранието, тогаш на сила останува да функционира постоечката влада.
–Доколку не може да се избере нова влада, тогаш неминовни се нови предвремени парламентарни избори. Нивното организирање од пржинска влада е политички договор вметнат во закон, но, според мене, таква влада и не мора да се формира бидејќи Уставот не ја препозната а тој е највисок акт – истакнува Петковски.
Инаку, тој е еден од коалициските партнети во владата кои отворено се против поддршка на новото мнозинство, чии претставници вчера истакнаа дека нивното мнозинство од 61 пратеник може да порасне на 64. Ист став вчера изнесе и лидерот на Демократски сојуз Павле Трајанов, кој ни изјави дека „берзата“ за пратеници е отворена.
– Македонија навлегува во процес на политичка нестабилност која ќе потрае и ќе има негативни ефекти врз стабилноста, евроинтеграциските процеси, борбата против пандемијата, како и бизнисот – посочи Трајанов, според кого во една ваква состојба можен е политички договор за преодна Влада и парламентарни избори во пролетта 2022 година.
Лидерот на ЛДП Горан Милевски, кој заедно со ДОМ на овие локални избори настапија надвор од коалицијата со СДСМ, во чии рамки имаат 3 пратеници, одбива да ја коментира новонастанатата политичка ситуација. Пред БЕСА да ја официјализира одлуката дека ја менува страната, Милевски изјави. „Додека ја чекаме оставката на Заев, ќе дочекаме нови избори“.
В.С.