Бугарскиот премиер Кирил Петков рече дека Скопје веќе има избор за сопствената иднина, а Бугарија успеала да ги заштити своите национални интереси по гласањето „за“ францускиот предлог во бугарскиот законодавен дом и натаму Софија не може да сноси одговорност.
„Направивме нешто неверојатно. За првпат Брисел ја поддржа бугарската позиција“, рече Петков додавајќи дека и самите, како што ги нарече, северномакедонски партии излегле на голем протест против предлогот.
Според Петков, тоа што бугарските позиции се заштитени од Брисел укажало на неверојатно успешна дипломатија која лично ја поздравил.
Во интервју за БНР.бг тој образложи што ќе се случува доколку Македонија одлучи да го прифати предлогот.
„Ако Северна Македонија се согласи со францускиот предлог, во Уставот на Северна Македонија ќе влезат Бугарите пред да почне преговарачкиот процес. Второ, имаме јасни контролни механизми за говорот на омраза и дискриминацијата. Трето, имаме многу јасни дефиниции за историските факти и образованието во училиштата во Северна Македонија“, рече Петков повторно повторувајќи дека зад спроведувањето ќе стои Брисел, а дека Македонија треба да биде дел од Европската Унија.