Веднаш по укинувањето на забраната за музички настапи во живо, популарниот фолк пејач Миле Кузмановски им се врати на редовните гостувања. Човекот кој зад себе има богата ризница со хитови и цел живот живее единствено од музика, во тек на забраната, ниту еднаш не се пожали јавно, ниту пак, како што вели, побарал било каква помош, поради неможноста подолг период да заработува.
Никогаш не сум бил од оние кои кукаат, вели во разговор за ,,Фокус”, додавајќи дека е свесен за состојбата во целиот свет, и како без оглед на тоа колку би се жалел, тоа не би му помогнало.
-Целата пандемија и оние долги периоди кога беа актуелни забраните за настапи ги поминавме со моето семејство, би рекол, машки, без многу галама, без поплаки. Како на човек кој заработува исклучително од музика, мене ете, не ми следуваше никаква државна помош, но воопшто не ни побарав било каква помош. Пандемијата започна во март лани, јас пред тоа имав концерти на плоштад, па бидејќи остварив приход од нив, не спаѓав во категоријата на музичари кои можеа да аплицираат за субвенции. И да не беше така, не би барал помош, бидејќи со децении живеам од музика, тоа е мојата професија и нормално е дека треба да се мисли на утре и да се остава на страна. Не живеам од денес за утре, ние сме семејство од пет члена, со сопругата и трите ќерки ја сфативме ситуацијата, што би се рекло, малку се потстиснавме и поминавме некако.
Затоа пак сега, по укинувањето на забраната, исполнета ми е агендата, имам гостувања во локали, на семејни свечености, низ целата земја – раскажува Кузмановски.
Вели дека е горд што во време на криза, сепак продолжил да функционира на музичко поле, па снимил и нов албум. Познат по своите балади, од кои повеќето станаа евергрини, додава дека и на новиот албум има неколку, за кои верува дека ќе останат да се слушаат за многу генерации.
-Новиот албум е насловен ,,30 години музика со Миле” и на него има десет песни. Како бонус се ставени и ,,Не кани ме”, ,,Крал без круна” и ,,Шприцер”. Има и неколку балади во мојот, препознатлив стил, се надевам дека слушателите ќе бидат задоволни. Целиот албум е прикачен на Јутјуб. ,,Недопеана”, ,,Песно кажи се”, ,,Погрешен перон”, ,,Чадор стар”, се само дел од песните на албумот. Тешко време е за сите, но мора да се работи – појаснува Кузмановски.
Раскажува дека пандемијата силно ја погодила естрадата, но според него, најзагрозени биле музичарите кои настапувале претежно на свадби, и државната помош за нив, била наменета на вистинското место.
-Требаше да им се помогне на музичарите кои живеат само од такви настапи, од свадби и семејни веселби. Нив навистина им беше најтешко. Оние пак, кои професионално се занимаваат со музика и имаат свои авторски дела, со години имале редовни гостувања, турнеји, концерти, сепак, не би требало да спаѓаат во најзагрозените групи, со оглед на тоа што сигурно пред пандемијата заработувале солидно. Јас ниту се жалев, ниту пак имам намера да го правам тоа во иднина. Сега сум посветен на ангажманите кои ми следуваат наредниот период, го минувам слободното време со семејството, ги гледам ќерките како растат, стануваат зрели личности, животот си тече…
Жал ми е што на младите поради пандемијата им се одзеде еден дел од животот, што мораа да се прилагодат на новата реалност, им беа ускратени дружбите, деновите минати во школските клупи. И им се восхитувам на тоа, како се носеа со ситуацијата, како покажаа голема свест- вели музичарот.
Тој утре вечер ќе има настап во Велес, на Градски базен. На неговите настапи, секогаш има публика од сите генерации, а песните наизуст му ги пеат и млади и стари. По настапот во Велес, го чекале уште неколку гостувања, а потоа ќе заминел на летување со сопругата Јасмина и најмалата ќерка Ева. Поголемите, Ана и Јана, кои се веќе возрасни, вели дека летуваат со друштво.
-Летнаа годините, децата си растат, горд сум на нив, семејството секогаш ми е најсветото нешто – изјави Кузмановски.
Вики Клинчарова