Светиот крст во осветените води на Охридското Езеро утринава го фати Петар Рупески од Варош. Тој крстот го фаќа по четврти пат.
-Во четири години трипати го фаќам крстот, заедно со мојата тајфа и од Варош ја продолжуваме традицијата. Минатата година беше една од најсреќните во мојот живот, посакувам на секој мој близок и на секој верник да му се случи таква среќа, порача Рупески по излегувањето од вода.
На следење на целиот настан за големиот верски празник Богојавление-Водици во Охрид присуствуваа неколку илјади луѓе, а среќниот фаќач на крстот од страна на црквата на подарок добива крст, а од градоначалникот икона.
Манифестацијата Богојавление-Водици е во организација на Дебарско- кичевската епархија во соработка со локалната самоуправа, а со поддршка на јавните претпријатија, Црвен крст, нуркачкиот центар „Амфора“, како и фаќачите на светиот крст од минатите години.