Петар Георгиевски-Камиказа: Ќе ги објавиме фирмите што горат отпад и институциите што нема да реагираат

by fokus

За разлика од сегашниот градоначалник Петре Шилегов ќе излезам и јавно ќе ги објавам фирмите што и понатаму ќе горат отпад и ќе излеземе пред граѓаните и ќе ги посочиме сите институции и компании што се пасивни по ова прашање, вели во интервју за „Фокус“, Петар Георгиевски-Камиказа кандидат за градоначалник на Скопје поддржан од „Левица“.

Перо Камиказа помладите го паметат како основач и басист во култниот бенд „Меморија“, но и по улогата на Рио во серијата „Трст Виа Скопје“. Завршил студии на Факултетот за драмски уметности во Скопје, а веднаш по факултетските денови следувала неговата најплодна актерска кариера со многу настапи и претстави во Суботица, во еден од најдобрите театри во тоа време – КПГТ, каде што играл заедно со актерските бардови Раде Шербеџија, Сања Савиќ, Ана Костовска… По шест години поминати во Суботица, се вратил во Скопје, не продолжил да работи во театар, туку во тогашната Радио-телевизија Скопје. Во 1989 година ја формира „Меморија“, чија песна „Кога си сам“ е своевидна асоцијација на формирањето на суверена независна Република Македонија. Сега на 61 година, Георгиевски во интервју за „Фокус“ зборува како целото искуство и знаење ќе се обиде да го покаже ако стане прв човек на Град Скопје.

ФОКУС: Што планирате да сторите да се намали огромното загадување на воздухот во Скопје?

ГЕОРГИЕВСКИ: Проблемот со загадувањето на воздухот произлегува од повеќе страни. Увозот и горењето на медицински и друг вид на отпад на скопските депонии се причинители за енормното загадување. Институции и фирми кои во своите погони согоруваат штетни деривати се исто така причинители за загадувањето. Увозот на половни возила од странство придонесе загадувањето дополнително да се зголеми. Несоодветната филтрација на штетните материи на некој од фабриките се дополнителен причинител за загадувањето. Несовесното горење на високо канцерогени и штетни материи за огрев се исто така голем причинител за загадување на воздухот. Слабата и пасивна контрола од градските служби се причинител овие трендови на загадување да продолжат.

ФОКУС: Дали Скопје било секогаш вака загадено?

ГЕОРГИЕВСКИ: Живеам 61 година во Скопје, значи роден скопјанец сум, можам да ви кажам дека Скопје секогаш било магливо, но никогаш волку загадено. Кој ќе ви каже дека ќе ја растера маглата, тој ве лаже, но само со активни мерки наместо со празни ветувања можеме да го вратиме чистиот воздух во Скопје.

ФОКУС: Па добро и Шилегов ветуваше дека ќе го намали загадувањето ама после се прогласи за ненадлежен. Сакам да ви кажам дека можеби нема да зависи сѐ од вас бидејќи тука се надлежни повеќе институции.

ГЕОРГИЕВСКИ: За разлика од нив, ние јавно ќе ги објавиме фирмите што сакаат и понатаму да горат отпад, ќе излеземе пред граѓаните и ќе ги посочиме сите институции и компании што се пасивни по ова прашање. Да, доколку станам градоначалник ќе имам институционално право да го изнесам својот став пред граѓаните по ова прашање, ќе свикам и прес конференција и ќе има кој да ме слушне.

ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

 

 

 

Поврзани новости