Собранието на Република Македонија попладнево со 61 глас „за“ и четири против го избра Петар Атанасов за заменик-министер за образование и наука.
Претседателот на Владата Зоран Заев рече дека Атанасов заедно со министерот за образование и наука Арбр Адеми ќе работи на спроведување на реформите во основното и средното образование, новиот закон за високо образование, а во моментот се усвојуваат и статутите на универзитетите во државата.
– Конечна цел е да направиме еден нов прагматизам кој на младите, на децата ќе им се најде во животот согласно потребите на пазарот на трудот и она што претставува очекување и на младите генерации и на нас родителите. Човекот доаѓа со една целосна преокупација, со јасна визија за реформите извлечена од дебатата која постои во општеството. Верувам дека навистина ќе направиме образовен систем кој дефинитивно ќе биде нешто со кое сите ќе се гордееме. Верувам дека успешно ќе ја извршува својата функција како заменик-министер за образование, рече Заев.
Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ рече дека изминативе 15 месеци многу ветувања во образованието не се реализирани од оваа власт.
– Го укинавте екстерното, но ветивте и дека ќе понудите нов концепт за надворешно оценување на знаењата и објективното при оценувањето на учениците и наставниците. Петнаесет месеци чекаме уште таков концепт немате понудено, а граѓаните очекуваат реализација на таков концепт. Денар не е зголемена платата на наставниците, ветувавте дека ќе ги зголемите стипендиите и ученичките кредити и дека ќе го подобрите статусот на ученик и студент, нови студентски домови…, истакна Данев.
Реплицирајќи му на Данев, премиерот Заев рече дека целта е да го подобриме образовниот систем во државата.