Паричните награди на „Макфест“ остануваат по теркот на Захариев: Не 1.500, туку 5.000 евра за прво место и годинава

by fokus

Високите парични награди за победниците на домашни музички фестивали, кои станаа актуелни во изминатите десеттина години, неретко беа причина за незадоволство кај народот, но и повод за разни обвинувања и ,,препукувања’’ помеѓу пејачите.
Јавни сомнежи, приказни за наводни измами со гласање на телевоутинг и шпекулации за клиентелизам, беа редовна практика по секој фестивал, каде во игра беа наградни фондови вредни неколку десетици илјади евра.

Токму поради тоа, на еден од најпознатите фестивали за забавни мелодии ,,Макфест’’ кој традиционално се одржува во Штип, лани беа најавени промени, кога станува збор за наградниот фонд. Десеттина дена пред одржувањето на фестот, Министертвото за култура, чиј министер во тоа време беше Роберт Алаѓозовски, извести дека е намален наградниот фонд за победниците.

Така, ако во минатото биле доделувани 26.500 евра, со новите измени Алаѓозовски најави дека за ,,Макфест 2017’’ ќе бидат доделени значително помали средства.
Според измените, за првопласираниот тим кој во минатото добиваше 10.000 евра, лани беа предвидени 1.500 евра, за второ место наместо 7.500, предвидени беа 1.000 евра, додека за трето место, наместо 5.000, следуваа 500 евра. Исто така, за признанија за вокална изведба, аранжман, дебитант и за најдобар сценски настап, износот беше 500 евра.

-Во исто време, првонаградениот на меѓународниот фестивал „Ристо Шишков“ добива 1.500 евра како награда, а на нашиот најреномиран фестивал „Војдан Чернодрински“ наградата е во износ од 500 евра. Таква нееднаквост и такво расфрлање со парите на граѓаните во вакви времиња ние едноставно не можеме и не смееме да си дозволиме – информираа тогаш од министерството, што предизвика револт кај дел од учесниците.
Набргу потоа се јави и тогашниот штипски градоначалник, Илчо Захариев.

Тој информираше дека решил да биде ниту по негово, ниту по планот на министерството, туку наградите да бидат на средина.

-Одлучено е паричниот фонд да биде на средина, значи ниту по предлог на Министерството, ниту по претходниот преддоговор. Првата награда е во вредност од 5.000 евра, втората 4.000, а третата од 3.000 евра. Останатите награди како што се дебитант или сценски настап остануват во вредност од 500 евра – беше неговиот став.

-Согласно годишната програма за култура која ја усвои Советот на општината, за „Макфест“ годинава се предвидени четири милиони денари. Со тие пари можат да се покријат наградите со цел да бидеме коректни кон авторите и изведувачите кои на јавниот конкурс се пријавија под познатите услови – потенцираше лани Кирил Панајотов, кој беше технички директор на фестивалот.

Годинава ,,Макфест’’ ќе го има своето 33-то издание, кое ќе се одржи на 4, 5 и 6 октомври на сцената во Домот на културата во Штип.
Уметничкиот директор на фестивалот, Владимир Дојчиновски открива дека ќе има измени во начинот на гласањето, односно дека нема да има телевоутинг, и како ќе има две жирија, односно ќе гласа и публиката во салата. Исто така, ново е тоа што нема да има гости од странство, односно и на шоу програмата ќе настапувале македонски изведувачи.

Околу наградите за првопласираните, според Дојчиновски, за прво место ќе следувале 5.000 евра, за второ 4.000 евра и 3.000 евра за трето место, односно остануваат сумите кои лани ги воведе Захариев.

Парична награда од по 500 евра ќе се доделела и за четири стручни награди, за аранжман, текст, интерпретација и сценски настап. Најавено е учество на познати имиња од македонската музичка сцена.

Вики Клинчарова

Поврзани новости