Споредено со периодот од 21 до 27 декември, кога беа затворени 13 угостителски објекти, за повеќе од 60 проценти е намален бројот на угостителски објекти кои биле затворени во минатата недела, од 28 декември до 3 јануари. Затворени се пет, а два од нив за време на новогодишната ноќ – еден во Струмица и еден во Битола. Државниот пазарен инспекторат ги спровел контролите во соработка со МВР.
Претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Грашковска на прес-конференција соопшти дека во наведениот период (28 декември – 3 јануари), ДПИ извршил 4652 контроли и 278 надзори поврзани со почитување на протоколите за работа на угостителските објекти и со законите по кои постапува овој инспекторат.
-Изречени биле 35 прекршочни пријави, 24 решенија за констатирани неправилнсти и 16 прекршочни платни налози. Од 24-те решенија, пет се донесени за непочитување на Законот за заштита на населението од заразни болести и протоколот за работа на угостителските објекти – по два во Битола и Тетово и за еден во Струмица, каде што не се почитувало работното време и ограничувањето за четири лица на една маса. Во сите случаи е изречена забрана за вршење дејност, тие се затворени за работа на самото место и дополнително се изречени соодветни прекршочни платни налози, рече Грашковска.
Директорот на ДПИ Стојко Пауновски во одговор на новинарско прашање соопшти дека двата угосителски објекта во Битола се затворени – едниот, на 3 јануари, поради пречекорување на работното време по 18 часот, и ќе биде затворен десет дена.
Другиот објект е казнет 30 работни дена зашто во него на новогодишната ноќ имало забава со многу повеќе луѓе отколку што би собирал во нормални услови. Согласно Закон за прекршоци, ќе биде изречена и глоба.
Пауновски во одговор на новинарско прашање рече дека очекува оваа година Инспекторатот да има нови вработувања зашто според договорот со Владата и во рамки на дозволениот буџет за плати, ќе вработат инспектори на местото на тие што се пензионираат.