Пет објекти изгореа во тетовското село Вејце во пожар, објави 360 Степени. Притоа, две лица се задушувале од густиот чад, па интервенирала и брзата помош. Едно од нив е задржано во тетовската болница за понатамошен третман.
Инаку, пожарот избувнал во 15:30 часот попладнево во една од плевните во тешко пристапното шарпланинско село, но силниот ветер брзо го проширил и кон соседните објекти и биле зафатени уште три плевни и две семејни куќи. Интервенирале осум пожарникари-спасители од Тетово со три противпожарни возила.
-Пет објекти беа во пламен кога пристигнавме, дури и природата не беше на наша страна, дуваше силен ветер. Но, направивме натчовечки напори за да го ставиме пожарот под контрола, а сега е веќе целосно изгаснат. Среќа во оваа несреќа е што немаме човечки жртви, но материјалната штета е огромна – изјавил за 360 Степени Ука Алити, командир на противпожарна бригада во Тетово.