Министерството за економија денеска почнува со реализација на пет мерки од четвртиот сет кои се директна поддршка за туристичките и угостителските работници кои беа погодени со пандемијата од Ковид-19. Мерките се донесени во консултација со приватниот сектор и сметаме дека ќе бидат многу значајна поддршка, најави министерот за економија Крешник Бектеши.
Петте мерки, како што рече на денешната прес-конференција, се Враќање на уплатената такса за привремен престој за 2019 година на сите категоризирани угостителски објекти, Грантови за туристички агенции, Грантови за категоризирани ресторани за свадби, Грантови за игротеки, и Грантови за лиценцирани туристички водичи.
-За реализација на сите пет мерки Министерството за економија со ребалансот на Буџетот има обезбедено средства во износ од 459,65 милиони денари денари, односно 7,5 милиони евра. Рокот на аплицирање за овие пет мерки е 27 ноември, а финансиската поддршка ќе биде исплатена до крајот на годината, истакна Бектеши.
Со цел почитување на сите здравствени протоколи, потенцира, реализацијата на мерките ќе се спроведува преку платформата www.domasiedoma.gov.mk или www.pushimenevend.gov.mk на која апликантите ќе можат да ги поднесат нивните барања и потребна документација онлајн. На платформата се прикачени и јавните повици и програмите, но исто така Министерството за економија ќе одговори на сите прашања поврзани со мерките преку Секторот за туризам. Веродостојноста на податоците ќе се проверува преку надлежните институции како што се Министерство за финансии УЈП, Агенцијата за вработување, како и Државен пазарен инспекторат.