Пет минути дивјаштво, како вечност

by lali

Секојдневно гледаме изјави и искази објавени по медиумите, „приказни“ што не произлегуваат од веродостојни информации, образование, искуство и истражување. Дознаваме дека комунизмот бил лош, вакцините ги убивале луѓето, Европа се распаѓала и фашистите победувале, Америка била агресор, рак се лекувал со чаеви – тоа се само некои од „вистините“ што како локуми се голтаат од народните маси.

Загрижувачка е леснотијата со која овие „вистини“ се прифаќаат од јавноста без нималку сомнеж. Ваквите општоприфатени мислења често немаат допирна точка со реалноста и со светот околу нас, но никој од ова не е алармиран, не реагира и не се потресува. Креаторите на оваа искривена слика за демократијата во медиумите – најмалку!

ПОРАНО ЖРТВИ НА ЕДНОУМИЕТО, ДЕНЕС ЖРТВИ НА БЕЗУМИЕТО

Слободата на медиумите не подразбира слобода да се тресат глупости, да се поттикнува на пристрасност, суеверие, примитивност и омраза. И кога во општество како нашево не постојат критериуми за вредност, секој може без трошка лична и општествена одговорност да создава хаос во главата на обичниот човек.

Една млада девојка јавно напиша дека комунизмот бил време кога Македонец туркал Македонец кон дното?! Претпоставувам мисли на „лошиот“ Македонец, кој сакал да живее во Југославија, во братство и единство со другите народи, и на „добриот“, кој сакал самостојност. Читајќи ја изјавата почнав да се чувствувам виновна зашто живеев и творев во тоа време, кога оваа млада девојка не била ниту родена.

Ме фати страв од леснотијата со која младиот човек денес јавно кине „зелени“ за работи, кои ниту ги знае, ниту ги познава, ниту ги видел, доживеал, истражувал или проучувал, а ги прифатил како дефиниции сервирани од една пропаганда пострашна и од „комунистичката“.

Па, веднаш се потсетив на критериумите за вреднување на младиот човек во лошиот комунизам, каде што ваквата дрскост, непоткованост и необразба претставуваше општествен срам. Знае ли младава дама дека децата пораснати во комунизмот – а отидени од оваа земја на заробен ум, одамна просперираат и ги освојуваат врвовите на Западот?

Ако човекот на овие простори порано бил жртва на едноумието, денес станува жртва на безумието. Демократијата подразбира слободно мислење и изразување, каде што секој има право јавно да го искаже својот личен став, одговорно и без страв. Но, кај нас се случува апсурд. Слободата на говор и исказ се сфаќа буквално, како можност за јавна демонстрација на глупост, на не(до)едуцираност и како вулгарна пропаганда.

ОПШТЕСТВЕН ХАОС ШТО ВЛАСТА НИ ГО ПОТПИКНУВА КАКО ДЕМОКРАТИЈА!

Живееме во време кога неписмените ги учат писмените како да читаат и пишуваат, кога секакви шарлатани си ставаат титула лекар, па „лекуваат“ пациенти со бабини деветини, кога имаме толку многу доктори на науки, а ужасно малку наука, кога се промовираат сомнителни настани и идеи, кога се воздигнуваат проблематични „херои“ од минатото, кога се мистифицираат природните појави и кога простотилакот и примитивизмот ги газат интелектот и разумот без милост.

Нова и жестока одмазда на скудните по ум, разум и школо! Ете, дојдоа и нивните пет минути. Сето ова, поддржано од медиумите, создава општествен хаос, што денешната власт осум години по ред ни го потпикнува како демократија!

Ваквата „слобода“ на примитивецот да прави што сака, без никакви општествени кочници, е опасна за општествениот опстанок. Екстремен пример за тоа е исламската држава, која во име на Бога, „слободно“ сече глави на безбожниците! Наеднаш се наоѓаме во свет, во кој слободоумните и разумните луѓе стануваат општествени „непријатели“, демократијата станува контролирана анархија, а слободата се заменува со репресија, насилство и со забрани.

Зад завесата од „информации“, пропаганда и лаги, само неколкумина дебело профитираат − истите оние што го создаваат ваквиот „демократски“ амбиент. Но, таков бил почетокот на секое ново општество. Дивјаштвото, примитивизмот, хаосот и безумието се карактеристични за почетоците на многу демократски држави. Тие се запишани во нивната историја, од која генерациите учат − како не треба!

Ќе мине многу време за и ние да научиме како не требало, ако тогаш сѐ уште нѐ има. Голема штета за нас. Како земја на европскиот континент со антички корени, лулка на цивилизацијата и културата, и со толку многу лоши примери и искуства околу нас, „ние“ сепак уживаме постојано да се прпелкаме во нашите пет минути дивјаштво, како наша вечност!

Поврзани новости