Речиси пет месеци не се знае судбината на Коце Панов, пензионер од Неготино, кој излегол од дома на 27-ми ноември и повеќе не се вратил.
Од СВР Велес за ,,Фокус” информираат дека неговото исчезнување било пријавено во полиција, а потрагата уште траела.
Од свои извори блиски до истрагата ,,Фокус” дознава дека во врска со случајот едно лице било повикано на разговор во полиција, му било извршено и полиграфско тестирање, а потоа било пуштено дома.
Полиграфско тестирање се врши како примарна мерка со лице за кое постојат основи за сомневање за сторено кривично дело, но извештајот од него не претставува доказно средство во постапка пред суд, туку е ориентационо средство за пронаоѓање на докази и евентуално откривање на сторител на кривично дело.
Официјално, повеќе детали, во интерес на истрагата не се откриваат.
За случајот со 79-годишниот Панов, пошироката јавност дозна кога негови блиски луѓе објавија фотографии на социјалните мрежи и апелираа за информации во врска со неговото исчезнување.
Зошто и каде заминал човекот, се уште не се знае.
Во Неготино во минатите години се случувало да исчезне човек, но лицата биле пронаоѓани најчесто истиот ден, живи и во добра состојба.
Во 2009 година имаше случај кога исчезна 70-годишен маж, по кого се трагаше неколку недели. Неговото тело беше пронајдено завиткано во тепих во областа Куријски пат, а два дена по пронаоѓањето на телото беше откриен и убиецот, синот на старецот, кој призна дека го убил татко му после кратка расправија, удирајќи го со метална шипка.
Досега, освен случајот со Панов, други нерасчистени случаи со исчезнати лица во општината нема.
Вики Клинчарова