Пет биса и редици за позирање со бубњарот на ,,Црвена Јабука” во ,,Стоби”: И по Жера – Адриан!

by fokus

Со три часа исполнети со уживање со безвременските хитови на популарниот екс Ју бенд ,,Црвена јабука” и ароматични вина надополнети со разни видови на сирење кои одеа заедно со влезницата за настанот, започна летната сезона во рамките на Стобилозофи, настан организиран од винаријата ,,Стоби” во Градско.

Настанот започна во 17 часот во комлексот на винаријата, а гости од целата земја, голем број на јавни личности, политичари, музичари и водители присуствуваа на истиот.

,,Црвена Јабука” дојде во полн состав. Вокалистот и лидер на бендот, Дражен Жериќ – Жера, со својот препознатлив стил на кој му е верен со децении, натапираната коса и црвените ,,All star” патики, пееше цели три часа. Кога се обиде да се одјави и поздрави со публиката, беше вратен на бис. Но, расположените гости и по првиот бис му порачаа дека не им доста од неговата музика, па повторно го враќаа на сцената. Отпеа уште пет песни, се играше и пееше во еден глас со него, се создаде одлична атмосфера која никого не остави рамнодушен.

И на овој концерт на ,,Црвена Јабука” како и на повеќето изминати концерти, вниманието на публиката повторно беше свртено кон тапанарот на бендот, Адриан Бориќ. Традиционално, на секој настап, веднаш по првите две – три песни, тој ја соблекува маицата и продолжува да свири разголен. Енергичен, врвен во својата изведба, тој полека, но сигурно станува новиот миленик од ,,Црвена Јабука” на понежниот пол. Со својата младост, но и неоспорниот талент, тој е еден вид на освежување во бендот кој постои од далечната 1985 година.

Веднаш по завршувањето на концертот, додека Жера тивко се повлече позади сцената, група на обожавателки го опколија Адриан. Позираа со него, му се восхитуваа на мускулите и го пофалија неговиот голем талент и страсното свирење на тапаните. На прашањето на ,,Фокус” дали можеби размислува за самостојна кариера, па и да испроба како вокалист, со оглед на тоа што очигледно, публиката го обожува, вели дека не ја исклучува можноста, иако периодов е окупиран со редовните настапи и турнеји со бендот.

Лани во Радовиш, за време на општинската манифестација ,,Самун ем татлија”, се случија истите сцени. По завршувањето на концертот, Адриан повторно беше опколен од обожавателки, кои го опсипаа со внимание. Тогаш ни изјави дека не ја соблекува маицата со цел да ги покаже обликуваните мускули и многубројните тетоважи, туку го понесува атмосферата, но и тапаните се инструменти кои бараат многу енергија, па му станувало топло.

Адриан е дел од ,,Црвена Јабука” веќе две години. Пред тоа беше тапанар во ,,Дивје Јагоде” повеќе од три години. Целиот настан беше беспрекорно организиран. Од винаријата ,,Стоби” најавуваат уште многу интересни дружби во тек на летниот период. Посетителите на концертот задоволни коментираа дека се случила вистинската комбинација – добро вино и добра музика.

Вики Клинчарова

Поврзани новости