„Русија не ја признава јурисдикцијата на Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг“ пренесе денеска агенцијата ТАСС изјава на портпаролот на Кремљ, Димитри Песков.
„Ние не го признаваме тој суд, не ја признаваме неговата јурисдикција“, рече Песков, коментирајќи ги медиумските извештаи дека МКС се очекува да ги издаде своите први налози за апсење на руски лица поврзани со конфликтот во Украина.
Обвинителот на МКС треба да побара од судијата на претходна постапка да одобри налози за неколку Руси за преместување на деца од Украина во Русија и за таргетирање на цивилната инфраструктура.
Украина и Западот тврдат дека Русија извршила „злосторства против човештвото“ насочени кон цивили и цивилна инфраструктура, но Русија цврсто го отфрла тоа.
Претходно, Константин Косјачев, заменик-претседател на Горниот дом на рускиот парламент, рече дека МКС е „инструмент на неоколонијализмот во рацете на Западот“ и дека МКС нема јурисдикција над Русија откако земјата се повлече од судот во 2016 година.
Москва исто така ги отфрла обвинувањата за принудно преселување на Украинците. Таа никогаш не го криела фактот дека однела илјадници украински деца во Русија како дел од хуманитарната акција за заштита на сирачињата и напуштените деца во зоната на конфликтот.
Украина тврди дека илјадници депортирани украински деца се посвоени од руски семејства, сместени во кампови и сиропиталишта, добиваат руски пасоши и се воспитувани да го одбијат украинското државјанство.