Пешевски: Не може да се бара од Македонецот да биде продуктивен за 20.000 денари плата

by Fokus

Во последните години не видовме дека се отсели некој од владините претставници, или од работодавачите, се отселија работници, не е поради лошите услови туку поради ниските примања, вели претседателот на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање, Иван Пешевски за 24 Анализа.

-Не можеме да зборуваме за продуктивен работник со 18.000, 20.000 или 25.000 денари плата. Да не се лажеме, македонскиот работник е продуктивен, и во Македонија и надвор, надвор е малку попродуктивен бидејќи е достоинствено платен и затоа градат нашите работници туѓи економии наназад 30 години. За да биде некој продуктивен прво треба да го платите и да му обезбедите здрави и безбедни услови за работа, тоа наназад со години веќе го нема во нашата држава – смета Пешевски.

Според статистиките на Синдикатот во последните 30 години се иселило речиси половина од населението. За 10 години државата ја напуштиле половина милион граѓани. Само во градежништвото, вели Пешевски, се бележи иселување на 12.600 работници во една година.

Пешевски смета дека ова сериозно ги дестабилизира трудоинтензивните дејности.

-Сведоци сме на многу лоши владини политики. Имаме проблем со трудо интензивните дејности на луѓето што ја граделе оваа држава и продолжуваат да ја градат наспроти платите што ги примаат – рече тој.

 

Поврзани новости