Пензионерка од Скопје утринава го пресретна министерот за здравство Фатмир Меџити во дворот на поликлиниката „Јане Сандански“, каде тој претходно одржа прес-конференција и лично го праша кога дијабетичарите ќе ги добијат лентите за мерење шеќер во крвта.
Пензионерката потоа му се пожали на министерот оти со пензијата од 12.500 денари едвај успева да ги набави сите лекови што ѝ се потребни за десетината болести од кои кажа дека боледува.
-Две ребра имам извадено поради рак, четири пати го имам оперирано мочниот меур, бубрег имам извадено, имам болна тироидна. Се отепав давајќи пари, пијам лекови за срце, имам шеќер, се боцкам по трипати. Живеам тука во пензионерски дом. Не сум мажена поради болести, се разболев многу млада. Немам фамилија, ми изумреа сите, имам само една стара сестра – додаде таа.
Министерот се обиде да ја утеши, велејќи и дека добро се држи и покрај сите дијагнози.
-Ќе има ленти. Се извинувам за тоа што доцнеа, но ве уверувам со мене како министер нема да има вакви проблеми – рече тој.