Прилепските пензионери најавија дека ќе се изземат од членството од Сојузот на пензионери преку нотар и ги повикаа и останатите пензионери од Македонија.
Тие се револтирани од изјавата на претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери Станка Трајкова. Тие на денешниот протест, на кој бараат зголемување на пензиите, прашаа дали претседателката мисли дека е министерка или директорка па заборавила дека ги претставува пензионерите.
Верче Јанческа од Иницијативниот одбор на прилепските пензионери прашува за кого работи претседателката и за кого постои.
„После таа нејзина изјава, денеска пензионерите беа видно револтирани и бараат поригорозни мерки. Една од тие мерки е укинување на чланарината што ја плаќаме од 180 денари и тоа со заверка на нотар. Нашите прилепски пензионери денеска се упатија кон нотар за да бараат со потпис да се скрати чланарината, која што ни ја задржуваат тогаш кога нема да ни задржуваат чланарина немаме потреба од Здружение на пензионери, Фондот ќе си ја брка работата.“ , изјави Јанческа од Иницијативниот одбор на прилепските пензионери.
Во синоќешното гостувате во вестите на Сител ТВ, Трајкова рече дека наместо на улица со пензионерите таа ќе протестира со работа но не и рамо до рамо со своето членство.
„Начинот на моето работење не е на улица и на такви протести. Начинот на моето протестирање е да работам и да ги решавам барањата на пензионерите како и до сега, а нив добро им е познато бидејќи овој дел што протестира не ги претставува сите пензионери да се решава преку институционален пат.“, изјави Трајкова.
Според пензионерите ваквиот однос на Трајкова е арогантен и дрзок кон целото свое членство.
„Синоќа кога излезе нашата претседателка кое го застапува тоа здружение беше толку арогантен нејзиниот однос кон своето членство, ако таа, ние не постоиме за кого таа работи? За кого постои таа? Јас работам во канцеларија. За кого работи таа во канцеларија? Ако таа не е со членовите, за кого работи? Јас не познавам категорија протест со работа. Таа за да биде добра претседателка, за да си ги почитува своето членство таа треба да излезе токму со нас на улица и да биди со нас и да не застапува. Ние бараме една ситница, една трошка, не бараме 78 посто, значи бараме 3.500 денари, малце од малце најниската пензија да ја зголемиме. Не може да не замајува, нека знае дека не сме неуки и неписмени пензионери.“, изјави Јанческа.
За 14-ти Август во Скопје, најавен е масовен протест, а нивните барања се минимална пензија од 20 илјади денари и линеарно зголемување на пензиите од 3500 денари.