Украина веќе почна да користи американски балистички ракети со долг дострел, тајно доставени од САД за борба против руските сили, потврдија американските власти. Како што јави Би-Би-Си, овие проектили се дел од пакетот од 300 милиони долари што го одобри американскиот претседател Џозеф Бајден во март, а на Украина и беа доставени на почетокот на овој месец.
Ракетите ATACMS, со дострел од 300 километри, досега се користени барем еднаш за уништување цели на Крим, кој е под руска контрола од 2014 година. Бајден го потпиша претходно усвоениот Закон за испорака на воена помош за Украина во износ од 61 милијарда долари.
САД претходно и испорачаа на Украина верзии на ракетата ATACMS кои имаат скратен дострел од околу 100 милји и можат да носат помала боева глава. Сега шефот на Белата куќа одобри испраќање ракети со долг дострел:
– Можам да потврдам дека САД и испорачаа на Украина ракети со долг дострел ATACMS по директива на претседателот Бајден. Ова не го потврдивме порано за да ја одржиме оперативната безбедност на Украина на нивно барање – изјави Ведант Пател, портпарол на Стејт департментот.
Не се знае точно колку проектили се испорачани, но американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан рече дека Вашингтон планира да испрати нов контингент.