Пентагон ја поздрави одлуката на Македонија да прифати, како што велат од таму, седум поранешни борци на Исламската држава, кои во Сирија биле заробени од бунтовниците што ја поддржуваат Америка.
Портпаролот на Пентагон, Ерик Пахон изјави дека овој потег на Скопје претставува пресврт во решавање на глобалната закана од тероризам, како и дека претставува најдобар начин да се „спречи враќањето на заробените терористи“ на воените полиња во Сирија и Ирак.
Инаку, вчера полицијата соопшти за успешна акција на МВР во која се приведени седуммина македонски државјани, осомничени дека учествувале во терористички организации во друга земја. Видеото што го објави МВР, содржеше само кадри од спроведувањето на приведените во Кривичниот суд на распит.
Денеска од МВР соопштија дека терористите, за кои беше распишана и меѓународна потерница, во Скопје стигнале со американски авион и присуство на американски војници и дека се уапсени на аеродром по утврдување на идентитетот.