Пенов „заглави“ меѓу распоредот на премиерот и разврските во ДУИ!

Додека од СДСМ уверуваат дека изборот на Пенов зависи од распоредот на премиерот Ковачевски, „огнената група“ најавува дека нивните тројца пратеници нема да гласаат за нов министер за локална самоуправа, ако не бидат прифатени нивните барања за промени во ДУИ.

by Фокус

Предлогот Ристо Пенов да биде нов министер за локална самоуправа на местото на Горан Милевски може да се најде на дневен ред пред пратениците уште следната недела. Како што велат за „Фокус“ собраниски извори, спикерот Талат Џафери може да ја стави точката на дневен ред уште во понеделник, меѓутоа малку веројатно е дека истиот ден ќе се отвори, а уште помалку затвори расправата.

При избор на член на Влада, неопходно е постојано присуство на предлагачот, односно на премиерот. Кога разговаравме за оваа точка на координација, беше предочено дека премиерот треба да биде на службен пат во вторник и во среда, па затоа, дури и да се стави точката за избор на Пенов на дневен ред во понеделник, таа би се прескокнала и се оставила за друг ден – вели пратеник од СДСМ.

Тој додава дека тактизираат со изборот на Пенов поради очекувањето опозицијата да ја одолговлекува расправата, поради што сакаат да бидат сигурни дека премиерот Димитар Ковачевски би бил достапен неколку денови за да се затвори процесот. Воедно, нашиот соговорник негира дека тактизирањето зависи од разврските во ДУИ, каде тројца пратеници од таканаречената „огнена група“ најавуваат дека ќе делуваат одделно доколку не бидат прифатени нивните барања.

Нема никакви најави и сигнали дека пратеници од ДУИ, ниту дека пратеник од СДСМ или друга партија од владејачкото мнозинство, не би гласале за Пенов. Водени се разговори од кои јасно произлегува дека сите би го поддржале овој предлог. Она што може да биде проблем е присуството на одредени пратеници, но тоа зависи од прашања од друга природа – вели нашиот соговорник.

„ОГНЕНАТА ГРУПА“ СТАНУВА ФРАКЦИЈА?

Инаку, утре треба да се одржи седницата на генералниот совет на ДУИ, на која треба да се избере ново централно претседателство. Како што веќе објави „Фокус“, Ахмети на вчерашната средба предложил да се формира централно претседателство со над 30 луѓе, а отчетот на министирте да се одложи една недела, што било неприфатливо за „огнените“, кои се закануваат со фракционерско делување доколку денес не се прифатат нивните барања.

Со над 30 членови, тоа не е претседателство, туку собрание. Целта е да се разводни дебатата, на крај да бидеме надгласани и после Ахмети во рамки на потесно претседателство со неколку луѓе да ги носи одлуките. Сето тоа е со цел на дополнително да се купи време, да се умориме, но овојпат тоа нема да се случи. Решени сме да одиме до крај, па ако нема договор ќе делуваме како фракција – вели претставник на „огнените“.

Според неофицијални информации, тројцата пратеници од „огнената група“ која може да прерасне во фракција – Изет Меџити, Мерита Колчи-Коџаџику и Кастриот Реџепи, нема да гласаат за предлогот Пенов да биде нов министер, доколку не се прифатат нивните барања во ДУИ. На тој начин, се доведува во прашање изборот на Пенов, бидејќи без споменатата „тројка“ мнозинството доаѓа на 61 пратеник, или само еден над неопходното мнозинство.

Притоа, неизвесно е однесувањето на уште неколку пратеници, меѓу кои Скендер Реџепи од Алтернатива, кој подолго време делува како независен пратеник. Сепак, тој не одговара на прашањето дали е можно да се приклучи кон „огнената група“. Исто така, треба да се спомене дека Диме Велковски беше единствен пратеник од СДСМ кој не гласаше за заклучоците од „францускиот предлог“, но од негова партија тврдат дека тој делува на линија со зададените насоки.

Влатко Стојановски

Поврзани новости