Претседателот Стево Пендаровски, по повод новогодишните празници, упати честитка до граѓаните на Македонија.
Драги сограѓани,
Зад нас е уште една тешка година во која немавме многу причини за радост и славење. Глобалните кризи, заедно со нашите хронично присутни домашни проблеми, придонесоа повеќе да размислуваме за ублажување на последиците, отколку за развој. Ефектите ги гледаме околу нас: апатија, недоверба и разочараност кај граѓаните.
Меѓутоа, низ историјата сме поминале и низ многу потешки времиња и не сме ги загубиле вербата и надежта. Потребно е да се вратиме на вредностите кои му даваат смисла на животот. Во новата година да бидеме подобри, посолидарни, потолерантни и како поединци и како заедница. Да ги надминеме недоразбирањата кои со години нè држат во место. Наместо на трката по материјални добра, да ѝ дадеме приоритет на добрината, да си помагаме едни на други, да градиме хумано и благородно општество.
Најискрено, посакувам во 2024-та да нè служи, пред сè, здравјето. Без разлика на етничката, политичката, религиозната, родовата или каква било друга припадност, сите живееме под едно исто небо, го дишеме истиот воздух, заедно делиме и добро и лошо. И со заеднички напори можеме да ѝ донесеме просперитет на нашата мала, но преубава татковина.
Нека ни е среќна новата 2024 година!