Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски денеска и утре ќе престојува во дводневна официјална посета на Хеленската Република. Ова ќе биде прва историска посета на еден македонски претседател на Грција.
Прецизирано е дека грчката претседателка Катерина Сакеларопулу денеска ќе го пречека Пендаровски на официјална церемонија со државни и воени почести во претседателската палата во Атина, по што ќе имаат „тет-а-тет“ состанок пред пленарната средба на делегациите на двете земји.
Претседателот Пендаровски ќе оствари средба и со премиерот на Хеленската Република, Киријакос Мицотакис, а ќе се сретне и со градоначалникот на Атина, Костас Бакојанис.
Во рамки на посетата, претседателот Пендаровски ќе положи венец пред Споменикот на незнајниот војник на платото пред Парламентот на Хеленската Република, ќе го посети музејот Бенаки, каде што е предвидено разгледување на архивата на Константинос Доксијадис и ќе оствари средба со амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Хеленската Република, Џефри Пјат.
Како одговорни лидери на две соседни земји, имаме обврска да создадеме услови за уште поголемо приближување на нашите народи. Од овие причини патувам за Атина и ќе ми биде особено драго да возвратам на гостопримството овде, со уште поголемо гостопримство во мојата земја, вели претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски во изјава за грчкиот информативен портал „Њузбомб“ во пресрет на официјалната, дводневна посета на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
За време на посетата, претседателот Пендаровски ќе биде придружуван од сопругата, Елизабета Ѓоргиевска, која што во рамки на дамската програма, ќе ја посети Националната галерија во Атина, во придружба на Лина Мендони, министерка за култура и спорт на Хеленската Република.