Пендаровски: Викиликс потврди дека Вашингтон не сака да го види Груевски повторно како премиер

by Фокус

Комуникацијата меѓу високо позиционирани членови на Демократската партија, кои се на клучни места во тимот на Хилари Клинтон, обелоденета на Викиликс, покажува дека гарантите на пржинскиот проект не сакаат да го видат Никола Груевски назад во извршната политика, смета универзитетскиот професор Стево Пендаровски.

-Комуникацијата е водена на 21 јули мината година, односно само неколку денови по потпишувањето на Пржино 1 и оттука најинтересниот дел е формулацијата која е употребена дека Груевски се наоѓа под „супстанцијален притисок“ да се повлече. Значи, не е употребена формулацијата од Пржино дека 100 дена пред изборите тој мора да се повлече затоа што стапува на сцена т.н. техничка влада, туку велат дека Груевски се наоѓа под голем притисок да се повлече. Ова, според мене, значи дека гарантите на Пржино не сакаат да го видат Груевски назад во извршната политика, што впрочем се потврди и при второто одлагање на изборите, кога Груевски не се врати за премиер, иако целокупната структура на владата се врати на старите позиции, без министрите на СДСМ – изјави за Фокус Пендаровски, кој беше советник за надворешна политика на поранешните претседатели Борис Трајковски и Бранко Црвенковски.

Врз основа на тоа, тој додава дека неговата проценка е дека актуелната администрација во Вашингтон не би сакала да го види Груевски повторно како премиер во било која варијанта, дури и при евентуален успех на неговата партија на изборите во декември.

В.С.

Поврзани новости