Вакцинацијата против ковид 19 ширум светот е од клучно значење без одлагање, рече претседателот Стево Пендаровски во видео обраќањето на виртуелниот Глобален самит за борба против ковид 19 „Крај на пандемијата и поставување на подобри основи како подготовка за следната“.
За да се достигне висока стапка на вакцинација на глобално ниво, рече Пендаровски, сите треба да се бориме против системските неправди со фер, инклузивна и правична распределба на ефикасни вакцини.
-Повеќе од една година, сите ние живееме со катастрофалните последици од пандемијата, сиромашните и ранливите поединци и општества, се разбира, несразмерно повеќе од другите. Ниту една земја не може сама да ја запре оваа пандемија. Потребно е да соработуваме, да се поддржуваме едни со други и да запомниме дека ковид 19 не е под контрола никаде се додека не е под контрола секаде – рече Пендаровски.
Тој додаде дека 55 отсто од граѓаните во земјава се веќе вакцинирани со барем една доза.
-Оттука, апсолутно сме сигурни и даваме ветување за целосно вакцинирање на најмалку 70 проценти од населението до крајот на оваа година. Меѓутоа, за да ја достигнеме оваа цел на глобално ниво што е можно поскоро, сите ние треба да се бориме против системските неправди со фер, инклузивна и правична распределба на ефикасни вакцини. А, во исто време, треба да се бориме со деструктивните ефекти од лажните вести и кампањите за дезинформација со ширење на вистина и транспарентност – истакна претседателот.
Инаку, Самитот е организиран од претседателот на САД, Џо Бајден, на маргините на 76-тото Генерално собрание на Обединетите нации, што се одржува во Њујорк.