Претседателот на државата Стево Пендаровски, во телефонски разговор со својот италијански колега Серџо Матарела, разговарал за актуелната ситуација со корона вирусот.
Како што информираат од кабинет на Пендаровски, тој најпрво упатил сочувство до претседателот Матарела и граѓаните на Република Италија за големиот број починати лица во државата, која е меѓу најтешко погодените од пандемијата на ковид-19.
Двајцата претседатели размениле информации за состојбите во двете држави, во контекст на справувањето со последиците од пандемијата. Пендаровски го запознал претседателот Матарела со мерките и активностите што државните власти ги преземаат во справувањето со кризата.
„Во телефонскиот разговор претседателот Пендаровски посочи на неопходноста од сеопфатен европски одговор за справување со последиците од кризата, кој покрај кон спречување на ширењето на вирусот и обезбедување на медицинска и заштитна опрема, треба да биде насочен и кон поддршка на економијата, бизнисот и сочувувањето на работните места на граѓаните. Претседателот Пендаровски изрази уверување дека преку меѓусебна солидарност и соработка, европските држави ќе успеат да ги надминат последиците предизвикани од ширењето на ковид-19“, се вели во соопштението.
Претседателот Матарела упатил честитки по повод членството на Република Северна Македонија во НАТО и одлуката за отворање на пристапните преговори за членство во Европската Унија. Претседателот Пендаровски во телефонскиот разговорот се заблагодарил за конзистентната поддршка од Италија за европските и евроатлантските аспирации на Северна Македонија.