Пендаровски: Св. Кирил и Методиј се патоказ за тоа како да истраеме и како индивидуи и како нација

by Fokus 10:15
10:15

Ние имаме особен долг и благодарност кон нивното дело, кое е наш духовен и културен темел, но и светоглед и залог за иднината. Св. Кирил и Методиј се и треба да ни останат патоказ за тоа како да истраеме и како индивидуи и како нација, напиша претседателот Стево Пендаровски во честитка по повод одбележувањето на 24 Мај, Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј.

-Денот посветен на солунските браќа, кои не само што ги поставија темелите на духовноста и на писменоста кај словенските народи туку и инаугурираа идеи и дела исполнети со хуманост и со човекољубие и коишто имаат почитувачи и следбеници ширум светот, за нас е повеќе од празник. Ние имаме особен долг и благодарност кон нивното дело, кое е наш духовен и културен темел, но и светоглед и залог за иднината. Св. Кирил и Методиј се и треба да ни останат патоказ за тоа како да истраеме и како индивидуи и како нација, напиша Пендаровски.

Тој посочи дека и единаесет века по упокојувањето на Св. Кирил и Методиј, поборниците за вистината и неуморните заштитници на послабите и на обесправените, сѐ уште се живи нивните дела и нивните мисли, но, за жал, живи се и догмите против коишто се бореа.

-Сѐ уште има такви коишто си земаат за право да имаат ексклузивитет врз општите и заеднички добра и се обидуваат да ги потчинуваат и условуваат останатите. Напредокот и добросостојбата се можни само со споделување на заеднички вредности, со давање и со помагање, а не со алчност, себичност и со доминација. Токму тоа најдобро го покажа делото на Св. Кирил и Методиј. Нека ни е честит 24 Мај, Денот на Св. Кирил и Методиј, посочи во честитката претседателот Пендаровски.

Поврзани новости