Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на презентацијата на проекциите на населението во Република Северна Македонија до 2070 година, изработена од Државниот завод за статистика, што се одржа во Собранието.Тој истакна дека населението забрзано старее, а државата забрзано се празни.
Според изготвените проекции до 2070 година населението би се намалило за дури 35%, односно, од сегашните 1.8 на одвај 1.2 милиони жители.
Пендаровски изрази уверување дека проектираната демографска иднина не мора да стане наша неизбежна судбина, истакнувајќи дека само благодарение на ваквите професионално изработени проекции и анализи, можеме да носиме правилни одлуки и долгорочни политики засновани врз реални факти.
„Кога конечно во 2021 година најдовме политичка волја да се преброиме, реков дека резултатите ќе нѐ соочат со нашите најголеми стравови. При тоа не мислев на стравовите од другите, различните од нас, туку стравови за тоа колку всушност малку нѐ има во нашата држава. Резултатите го потврдија она што го тврдам со години дека најголемата закана за нашата национална безбедност и, воопшто, за иднината на Северна Македонија е демографијата“ рече Пендаровски.
Според Пендаровски, единствен начин за да го намалиме иселувањето, да ги зголемиме повратните миграции и да го поттикнеме наталитетот е ако изградиме демографски отпорно општество. Тоа, според претседателот, подразбира да создаваме општество во кое луѓето ќе сакаат да живеат и да формираат семејства.