Заедничкиот кандидат за претседател од СДСМ и ДУИ, Стево Пендаровски, попладнево се сретна со жителите на општина Теарце.
Во разговорите со граѓаните Пендаровски ја потенцираше важноста од членството во НАТО, не само од безбедносен, туку и од економски аспект бидејќи полноправното членство освен безбедност и стабилност носи и бројни економски придобивки за државата и граѓаните.
– Како иден врховен командант на армијата дел од НАТО ќе се залагам за унапредување на статусот на нашите војници за достојно да ја претставуваат нашата држава и армија низ целиот свет. НАТО не носи само безбедност и стабилност, туку отвора економски перспективи за нашата економија и сите граѓани, порача Пендаровски.
Пендаровски истакна дека на овие избори треба да се потврди патот што води напред кон интеграција и развој, дека државата не смее да се враќа назад во темното минато на изолација и неизвесност, бидејќи тоа е чекор назад за цела една генерација која припаѓа на ЕУ и НАТО.
– Противкандидатката нуди концепт за разединување, само нивните и членовите на таа фамилија да имаат живот. Секој одговорен човек, секој домаќин, постар, помлад, веќе има донесено одлука дека сака иднина наместо минато, дека сака напред во Европа и НАТО наместо враќање во минатото. Затоа, да продолжиме заедно напред кон ЕУ, кон НАТО, еднаш засекогаш да ги заштитиме нашите граници, да си ја обезбедиме нашата иднина, повика Пендаровски.