„Посетата на еден германски претседател е секогаш важен настан, дури и кога се во прашање најголемите држави во светот, а не пак кога доаѓаат во една мала европска земја како нашата“, вели за ДВ македонскиот претседател Стево Пендаровски, кој денеска и утре е домаќин на неговиот германски колега Франк-Валтер Штајнмајер.
Точно напладне, претседателот на Сојузна Република Германија ќе биде пречекан на официјална церемонија со највисоки државни и воени почести, по што ќе следува тет-а-тет на двајцата претседатели, пленарен состанок на делегациите од двете земји и заедничка прес-конференција на Пендаровски и Штајнмајер. Германскиот претседател денеска ќе се обрати во македонското Собрание, а потоа со Пендаровски ќе положат венци на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“.
Попладнето ќе има средба со премиерот Ковачевски.