Претседателот Стево Пендаровски објави дека се сретнал со сопственикот на Манчестер Јунајтед, Аврам Глејзер во Давос на Светскиот економски форум.
-Разговаравме за подемот на македонскиот репрезентативен фудбал и квалитетот на нашите фудбалери. Зборувавме и за Роналдо, несомнено еден од најдобрите. Ја имав честа од прва рака да чујам за неговиот иден статус и за најновите засилувања во клубот, напиша Пендаровски на Фејсбук.
Тој денеска во Давос имал кратки средби со премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис, со Бернар Емие, директор на француската генерална дирекција за надворешна безбедност (ДГСЕ) и со претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард.
Претседателот Пендаровски и грчкиот премиер Мицотакис изразиле подготвеност за натамошно унапредување на билатералните односи.
На средбата со Бернар Емие беа разменети мислења за руската воена агресија во Украина, актуелните состојби во регионот на Југоисточна Европа, како и за перспективите за членство на земјите од регионот во Европската Унија. Со оглед на актуелните безбедносни предизвици и потенцијални ризици, претседателот Пендаровски ја нотирал важноста од интензивирање на соработката меѓу безбедносните агенции на земјите-членки на НАТО.
Во разговорот со Кристин Лагард, беа разменети мислења за глобалните економски текови и мерките кои се преземаат со цел ублажување на финансиските последици од војната во Украина.