Пендаровски се размина со најважната задача од својот мандат

by Фокус

На претседателот Пендаровски, историјата му додели една многу тешка „карта“, речиси како онаа на Глигоров при осамостојувањето: да се зафати со решавање на „историскиот спор“ со Бугарија. Првиот претседател успешно ја одигра „картата“ и, на мирен начин, ја внесе државата во ОН, петтиот претседател едноставно одби да учествува во „играта“.

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

Тоа утро, пред некоја година, кога слушнав на телевизија дека вашиот претседател Пендаровски кажал дека Гоце Делчев бил со бугарска национална самосвест, ми вели поранешниот претседател на Бугарија, Петар Стојанов, при неодамнешната посета на Скопје, ѝ викнав на жена ми дека нема веќе македонско-бугарски проблем.

Решен е. Но, проблемот е тука до денешен ден и без решение на повидок. Зошто? Што се случи?

Соочен со нападите на опозицијата со жестина каква што е невидена во демократските држави, како и со страшно негативната реакција на јавноста, претседателот никогаш не се дообјасни.

Едноставно ја затвори темата во надеж дека кажаното ќе се заборави. Или дека компензација може да бидат „празни популистички изјави“, како што Ивајло Дичев ќе ги нарече изјавите на Пендаровски и на Радев.

Но, во модерниве времиња на видеозаписи тоа не е можно. Од опозицијата сѐ уште го прогонуваат за изјавата, а од власта се прават дека таа не постои.

Можеме само да замислиме што ќе се случи доколку Пендаровски влезе во трка за втор мандат.

Некои портали побрзаа да напишат дека изјавата на македонскиот претседател е плод на моето влијание како советник, но тоа не е точно.

СЕ ИСПЛАШИ И ЗАМОЛКНА

Не само што никогаш, во тие месеци „советништво“, не прозборевме на таа тема, туку ни на која било друга.

Иронично, на претседателот Пендаровски, токму историјата му додели една многу тешка „карта“, речиси како онаа на Глигоров при осамостојувањето: да се зафати со решавање на „историскиот спор“ со Бугарија.

Првиот претседател успешно ја одигра „картата“ и, на мирен начин, ја внесе државата во ОН.

Петтиот претседател едноставно одби да учествува во „играта“, свесен дека политичко единство не е можно, а жестоки критики и обвинувања за предавство се неизбежни.

Околу решението, Пендаровски беше раководен од ставот дека колку и да трае кризата, на крајот, како и секогаш досега во нашите кризи, ќе има интервенција на големите сили, кои, преку посредници, ќе го издиктираат решението.

Меѓутоа, ова е идентитетски спор во кој и ние треба да кажеме нешто. Сепак, за нас се работи. Но, како да кажеме нешто кога одбиваме да зборуваме?

Од македонско-бугарската тема направивме таков бауч, што дури и претседателот се исплаши и замолкна. Тоа беше сигнал и сите други да замолчат.

Свесен дека е оставен сам на чистина, да ја избегне темата успеа дури и претседателот на мешовитата историска комисија Драги Георгиев, кој јавно изјави дека не е работа на комисијата да го каже националниот идентитет на Гоце Делчев(?!).

Новинарката, пак, со истата ментална блокада како и професорот, не се осмели да праша барем за негово лично мислење како историчар.

Претседателот Пендаровски не требаше да го направи тоа што го направи. Мораше да опстои на кажаното со објаснувањето дека Гоце Делчев е и творецот на македонската држава и нација.

НАРАТИВОТ НА КАТАРЏИЕВ

Така, апсолвирајќи ја темата за етничката припадност на Делчев од едно минато време, апсолвирајќи еден прост историски факт од пред 120 години, кога меѓу македонските Словени од Отоманското царство владеела пан-бугарската идеја, претседателот требаше да го стави акцентот на улогата на Делчев како татко на модерната македонска нација.

Зашто тука има една вистинита приказна за нашата еволуција во модерна нација: од никулците на јазичниот идентитет во средината на деветнаесеттиот век, преку политичкиот идентитет на Гоце Делчев во дваесеттиот, до националниот идентитет на македонските партизани, дотогашни Јужносрбијанци, во средината на векот.

Доколку се осмелеше да зборува на темата, претседателот Пендаровски ќе мораше самиот да пишува нов македонски историски наратив компатибилен со европскиот и светскиот?

Не. Има еден што е веќе напишан, заборавениот наратив на професорот и академик Иван Катарџиев.

Како што пишува странски научник кој педантно ги изучувал делата на нашите историчари, како и секаде во светот, и во македонската историографија нема едногласност за нашата етногенеза, како што обично се мисли.

Имено, тој распознава три наративи. Првиот, кој ги наоѓа нашите корени во Античка Македонија (Пановски), вториот, кој корените ги наоѓа во средниот век (Блаже Ристовски) и третиот, кој почетоците на македонската нација ги наоѓа во средината на деветнаесеттиот век (Катарџиев).

ПРОПУШТЕНА МОЖНОСТ

Има нешто добро во идејата Пендаровски повторно да се кандидира за претседател: ќе мора да се доискаже и така да го отвори патот кон решавање на македонско-бугарскиот спор околу историјата.

Поконкретно, на „милениумската етногенеза“ на ВМРО-ДПМНЕ, производ на умот на партијата и на човек од техничките науки, но никаде во литературата не фигурира како историски наратив „Коцарев“, да им го спротивстави наративот „Катарџиев“.

Зашто, тој македонски наратив е клучот за решавање на спорот. Но, зад овој наратив би требало да застане СДСМ, партија на која ѝ се придружи Иван Катарџиев по независноста.

Еве, како и во многу други нешта од нашата историја, и овде има една трагична нота.

Имено, шансата е пропуштена пред речиси пет години. Во сегашнава политичка клима во земјата, овој наратив е многу непопуларен.

Иако Катарџиев покажува дека имаме сопствено објаснување, кое е модерно и европско, јавност, задоена со негативни чувства кон Бугарите, нема лесно да го прифати, па тешко која било партија да застане зад таков непопуларен наратив во овој момент.

Имено, избори се ближат. А, има ли политичар или партија што сакаат да бидат непопуларни? Па, баш пред избори? Не ми се верува.

Кога, некаде на почетокот од својот мандат, претседателот Пендаровски не се доискажа, најверојатно засекогаш ја загуби шансата да тргне во решавање на најважната тема на својот мандат: македонско-бугарските односи како пречка за нашите евроинтеграции.

Поврзани новости