(АРХИВА) Досие исчезнати: Со години им нема ни трага ни глас, помош се бара и од јасновидци!

На почетокот на годинава „Фокус“ пишуваше дека на листата на исчезнати лица може да се најдат имињата на 68 луѓе на различни возрасти, а меѓу нив се и четири малолетни деца, од кои најмалото имало само една година.

by Фокус

Текстот е објавен на 26 јануари 2023 година во неделникот Фокус со број 1.425.

Мистериозното исчезнување на 14-годишната Вања, на која и се губи секаква трага и глас откако излегла од домот во центар на Скопје и тргнала кон школо, потсети на многу слични ситуации во минатото. На почетокот на годинава „Фокус“ пишуваше дека на листата на исчезнати лица може да се најдат имињата на 68 луѓе на различни возрасти, а меѓу нив се и четири малолетни деца, од кои најмалото имало само една година. Најдолгата потрага по исчезнато лице трае 40 години. Причините се бројни и различни, од напуштање на домот, па сѐ до сомнежи за киднапирање, трговија со луѓе, самоубиства и убиства. Во меѓувреме, МВР уверува дека посветено трагаат по Вања, во надеж дека овој случај ќе има позивитен епилог.

Пишувала: Ирена МУЛАЧКА

Петар, Рада, Никола, Виолета, Соња, Снежана…Навидум, само обични имиња, но за нивните семејства се деца, мајки и татковци што исчезнале и никогаш повеќе не се вратиле. Ги има на возраст од пет до 90 години.

Секојдневно на бандери, на автобуските постојки и на социјалните мрежи можат да се забележат фотографии од исчезнати лица, кои заминале од дома и никогаш повеќе не се појавиле на домашниот праг.

Вообичаено, под секоја фотографија пишува име и презиме на исчезнатото лице, во што биле облечени кога излегле од дома, во кој правец тргнале, како и телефонски број за контакт од член од најблиско семејство.

Според досегашната пракса, дел од нив се пронаоѓаат по неколку дена, некои се најдени живи, а некои мртви. Но, дел од исчезнатите никогаш не се пронајдени.

Со текот на годините, повеќето паднаа во заборав од јавноста, но и од институциите. Каде се, дали се во земјава, дали се живи и што се случило со нив, останува целосна енигма за нивните семејства, кои го продолжуваат својот живот во агонија.

На официјалната страница на Министерството за внатрешни работи, на листата за исчезнати лица може да се најдат имињата на 68 луѓе на различни возрасти.

Меѓу нив се и четири малолетни деца, од кои најмалото има само една година. Најдолгата потрага по исчезнато лице трае речиси 40 години, поточно од 1 ноември, 1983 година.

Нивните фотографии, некои црно-бели, на кои едвај може да им се распознае ликот, сѐ уште сведочат за страшната судбина што ги снашла. Штом и по толку години не се тргнати од листата, нивната судбина може да се насети.

Алармантни податоци „Фокус“ објави за исчезнати лица во малото гратче Кочани, кое брои околу 38.000 жители. Во изминативе години, таму исчезнале 6 лица, кои никогаш не биле пронајдени. Повеќето од нив се на возраст од 32 до 60 години. Излегле од дома, но никогаш не се вратиле.

Ниту еден од случаите не добил разрешница, па само фотографиите останале спомен дека овие луѓе некогаш постоеле. И покрај големата болка дека можеби нема да ги видат, нивните роднини ги мачи прашањето што се случило со нивните блиски, кои како да пропаднале во земја.

ГИ СНЕМАЛО КАКО НА ФИЛМ

Во последниот период не поминува ден без да осамне информација дека некое лице исчезнало. Причините се бројни и различни, од напуштање на домот, па сѐ до сомнежи за киднапирање, трговија со луѓе, самоубиства, убиства…

За многутемина што воопшто не се пронајдени, не се знае ни каде, ни како завршиле, што преставува уште поголема болка за нивните семејства.

Низ нивните глави се вртат разни сценарија како го поминуваат остатокот од животот, дали се киднапирани, поточно дали се воопшто живи. Но, одговори на тие прашања нема кој да им даде.

По еден месец, на 25 февруари ќе биде точно една година од исчезнувањето на 11-годишниот Петар Џобески, момче со попреченост од Прилеп. Тој исчезна од селото Врапско, каде што семејството чувало пчели.

По момчето беше организирана масовна потрага, која беше мошне отежната поради лошите временски услови. До денес, тоа не е пронајдено.

Имаме надеж дека Петар е жив, но како што минува времето, таа надеж дека ќе биде пронајден е сѐ помала. Разочарани сме, не ни се зборува повеќе. Официјално, ништо ново нема во истрагата. Никој, ниту се јавил да нѐ извести дека е пронајдена нова трага, ништо нема, ни останува само да чекаме и да се надеваме – вели во изјава за „Фокус“, Стојо, татко на исчезнатото момче.

Семејството не крие дека во очај помош побарале и од видовити лица, надевајќи се дека ќе дознаат што било за нивното чедо, но без успех.

И Снежана Лазаревиќ, мајка на исчезнатиот Илија од Демир Капија, кој излегол од дома среде бел ден на 2 април 2021 година и повеќе не се вратил, појаснува дека насекаде трага по својот син, кој во времето кога исчезнал имал 30 години.

Мобилниот телефон му се исклучил следниот ден, последниот сигнал бил лоциран во близина на старите тунели кај Демир Капија.

Полицијата го бараше на почетокот, по него трагаа и неговите другари. Секаде пребараа, неговата фотографија се објави во многу медиуми.

Јас апелирав и во групи на социјалните мрежи за исчезнати лица и надвор од земјава. Барав информации од каде било. Роднини низ цела Србија ја проширија веста и таму се објавија негови фотографии. Возрасен маж, во така мала земја, исчезнат без трага – раскажува неговата мајка Снежана.

Таа додава дека нејзиниот син немал непријатели и никогаш порано не му се случило да замине некаде, без да се јави.

-Пред неколку недели, неговиот татко ја зеде јакната на Иле да ја носи, во џебот му го пронајдовме пасошот. Што да мислиме? Од полиција ни се немаат јавено со месеци, единствено јас ако им се јавам да прашам дали има нешто ново.

Тргнав и по видовити луѓе и по приватни детективи. Кој има мака, ќе си бара спас од каде било. Син ми го нема, ние живееме во надеж дека е жив и здрав, дека еден ден ќе се појави на прагот – раскажува Снежана.

Од 16 ноември 2022 година нема трага ниту од 64-годишниот Никола Гоцев, кој излегол од дома среде бел ден, бил во аптека и последниот телефонски контакт го имал со сопругата во 12.35 часот.

Неговата сестра Сузана раскажа дека полицијата направила обиди за негово пронаоѓање, но безуспешно.

Таа со пријатели барала насекаде, со автомобил го поминала цело Скопје, прашувала таксисти, го пребарала цел Лепенец, од Волково до излезот на Орман.

Појасни дека Никола е човек што го сакал животот, лани во март се пензионирал, од здравствени проблеми имал само повремено аритмија и висок притисок.

Таа за „Фокус“ потврдува дека брат ѝ сѐ уште не е пронајден.

-За жал, ништо нема ново… Одам по капели да го барам како Н.Н. лице –  вели очајната сестра.

ПОТРАГА ПО МАЛИ ДЕЦА

Тоа се само неколку случаи, кои можат да се најдат на листата на исчезнати. Уште еден од сомнителните случаи, за кој веќе пишуваше „Фокус“, е сметководителката Виолета Крстевска Јаневска од скопската населба Драчево, на која ѝ се губи секаква трага лани во март.

Таа била вработена на Факултетот за безбедност, а кобниот ден отишла во оптика да си ги земе очилата и од тој ден повеќе никој не ја видел.

Според објаснувањето на нејзината ќерка, таа 2 часа не одговарала на телефон, а потоа телефонот ѝ се исклучил.

Од тој ден, потрагата по неа почнува, но и по цели 11 месеци нема ништо ново. Нејзината фотографија, исто така, може да се најде на официјалната страница за потраги на МВР.

Тоа што е карактеристично за овој случај е што станува збор за жена, која немала никакви здравствени проблеми и затоа е чудно како наеднаш исчезнува, а нејзините најблиски остануваат уништени за цел живот, прашувајќи се што ѝ се случило.

Сепак, уште еден случај на 31 декември, лани, поточно на Нова година повторно ја потресе јавноста. Се работи за исчезнувањето на 68-годишната Зојка Луковиќ, исто така од Драчево.

Многу чудно, и во двете приказни со исчезнатите жени е тоа што имаат слична физиономија, односно личат една на друга и живеат во иста населба.

Меѓутоа, разликата е тоа што Зојка по само неколку дена потрага по неа е пронајдена почината во близина на манастирот „Св. Еремија“ во скопската населба Пинтија, додека, пак, од сметководителката Виолета сѐ уште нема никаков глас.

Уште еден случај, кој силно одекна е неуспешната потрага по 28-годишната Марија Брзакова од струмичко Босилово, која исчезна пред 3 години под сомнителни околности.

Тоа што беше познато во јавноста е дека таа и нејзиниот сопруг живееле во Швајцарија, имаат 3-годишна ќерка и наводно пред исчезнувањето била бремена со второ дете.

Според информациите, нејзиниот сопруг, случајот во полиција го пријавил дури 3 дена по нејзиното исчезнување, со што се остава простор за дополнителни сомнежи.

Но, тоа што е уште почудно во целата приказна е молкот на нејзините родители, кои за разлика од сите други семејства, кои јавно зборуваат со цел да се изнајде начин полесно да ги пронајдат, па се споделуваат фотографии на социјалните мрежи и се даваат изјави за медиумите, тие цело време молчат.

Иако е вклучен црвениот аларм за тревога, сепак како што поминуваат годините, така сѐ повеќе се губи и надежта.

Сѐ уште не е пронајден и 27-годишниот радовишанец Никола Милев, за кој втора година по ред нема никаква трага. Тој престојувал во Струмица кај неговата сестра, каде што 5 месеци работел во приватна фирма.

Фотографија и податоци за Никола веќе се објавени на официјалната

страница за исчезнати лица на МВР.

На истата страница се објавени и имињата на тогаш петгодишните деца Мирсада Хелдовиќ и Дане Мемеди, кои исчезнале во Куманово во 2010 година, во рок од две недели и никогаш не се дозна нивната судбина.

Најголем број на исчезнатите лица се од Скопје, Куманово, Тетово, Велес, Кавадарци, Кочани…

ПОВЕЌЕ ИСЧЕЗНАТИ ЗА НЕКОЛКУ ДЕНА

Овие неколку страници не се доволни за да се набројат сите исчезнати, како и сите оние што си заминале од дома, но веќе никој не ги видел. Повеќето од нив исчезнуваат под сомнителни околности.

Универзитетскиот професор и експерт за безбедност Владимир Пивоваров за „Фокус“ ја објаснува процедурата како почнува потрагата по пријавено исчезнато лице.

Веднаш по пријавата за исчезнување на одредено лице се прави записник во кој се објаснува каде последен пат лицето е забележано, во што е облечено, дали носи мобилен телефон, преку кој нормално дека ќе може полесно да се лоцира.

Тоа се испраќа до сите Оддели за потраги, каде што се преземаат сите соодветни мерки и се добиваат сознанија од сите страни. Вообичаено, живите лица за неколку дена се пронаоѓаат, многу потешко е со починатите, а потоа следува обдукција – вели професорот Пивоваров.

Според него и неговото работно искуство, постојат различни причини за исчезнувањето на одредени лица.

-Јас не сум сигурен дека се прави анализа, како што ние порано правевме. Причините се секогаш различни. Во еден период поодамна, испадна дека родители си ги препродавале своите деца Ромчиња во Италија и на нив заработувале.

Во МВР има посебна служба за потраги и тоа е сега мошне развиено и соработуваат и на меѓународно ниво. Во Грција кога ќе одите може да го забележите огромниот плакат со исчезнати деца.

Најголем проблем е ако причините се поврзани со криминал, купопродажни договори, дрога. Додека, пак, трговијата со луѓе се случува кај помладите луѓе од посиромашните семејства – вели Пивоваров.

Статистичките податоци на европско ниво покажуваат дека секоја година во Европа 600.000 луѓе исчезнуваат. Половина од нив се деца – 300.000…

Статистиката за киднапираните деца покажува дека во 76 отсто од случаите на киднапирање, каде што дете било пронајдено убиено, тоа се случило во рок од 3 часа.

Затоа, според европските стандарди, кога дете исчезнува, постои итна потреба да се дејствува, наместо да се чека 24-48 часа за да се поднесе полициска пријава за исчезнато лице, а во меѓувреме може да се решат сите прашања за можните причини.

Од друга страна, пак, статистичките податоци за 2022 година во Македонија покажуваат дека како исчезнати се пријавени 94 лица на централно ниво, а од нив пронајдени се 89 лица.

Потрагата по 5 лица продолжува. Само во 2023 година, поточно за 20 дена исчезнале уште четири лица.

Во меѓувреме, семејствата на исчезнатите живеат во грч, но никој не може да ги пронајде нивните изгубени деца, татковци, мајки, баби…

Затоа и постојат разни теории на заговор околу тоа – што всушност се случува? Сите прашања заслужуваат одговори, посебно таму каде што болката е најголема!

 

МВР: ОД 1987 ГОДИНА ВКУПНО 223 ИСЧЕЗНАТИ ЛИЦА

Од Министерството за внатрешни работи тврдат дека за целиот период додека постои полицискиот регистар како исчезнати се водат вкупно 223 лица.

Од 1987 година, во системот за потраги по исчезнати лица на МВР, заклучно со 23.1.2023 година, како исчезнати лица на централно ниво се водат вкупно 223 лица.

Причината за нивното исчезнување е различна: од несогласување со семејството или брачен другар, со родители или старатели на лица кои се сместени во згрижувачко семејство. Има пријави за исчезнати лица кои се повторуваат најчесто од дисфункционални семејства“, се наведува во одговорот на МВР.

 

ПРЕПОРАКИ ЗА ПОМОШ ВО СЛУЧАИ НА ИСЧЕЗНАТИ ЛИЦА

– Доколку некое лице исчезне, контактирајте ги сите што би можеле да го знаат местото на престој на исчезнатото лице;

– Соработувајте со полицијата, дајте ги сите информации за пријателите и роднините на исчезнатото лице, местата што често ги посетува, здравствената состојба или начин на однесување во блиското минато;

– Споделете ги карактеристичните размислувања на исчезнатото лице, неговите видувања за идни планови. Не сокривајте информации од полицијата, бидете достапни;

-Обезбедете фотографија и дозволете ѝ на полицијата да ја сподели со јавноста;

-Обратете се во најблиската полициска станица, полицискиот службеник за прифат или инспекторот по потраги ќе ги земе сите податоци што се потребни;

-Водете грижа за лицата што имаат здравствени проблеми и страдаат од болести поради кои ја губат способноста за осознавање, не оставајте ги без придружба и надзор.

Поврзани новости