Пендаровски: Се надевам дека временските прилики ќе ни одат во прилог

by fokus

Претседателот и Врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски, вечерва ги посети припадниците на Армијата во Оперативниот центар на Првата пешадиска бригада во делчевското село Тработивиште, кое беше едно од најкритично зафатените подрачја во државата.

-Ова што го чув последно од последниот брифинг од Армијата е дека ситуацијата е под контрола, што е добро. Јас се надевам дека и временските прилики, со помалку ветер, во наредниве денови ќе ни одат во прилог. Инаку, не можевме самостојно, не можевме тоа да го исконтролираме, Армијата беше практично ударната тупаница на здружените напори на различните институции во Република Северна Македонија, меѓутоа морам да кажам и да се заблагодарам и на државите кои ни помогнаа во тие заеднички напори – истакна Пендаровски.

Тој посочи дека во овој регион во изминатите 4-5 дена има најмногу пожари и затоа и најголем дел од армиските единици се концентрирани тука.

-Ние имаме околу 250 војници на Армијата на Република Северна Македонија, тие ќе останат тука додека има потреба, ако има потреба ќе донесеме и повеќе луѓе. Мислам дека во овој момент, во таа човечка смисла, сме добро екипирани, имаме поддршка и од други институции, се разбира, не е само Армијата, и со заеднички напори мислам дека ја држиме ситуацијата под контрола се додека тоа е неопходно – додаде Пендаровски.

Поврзани новости