Кандидатот за претседател од СДСМ и ДУИ, Стево Пендаровски вечерва одржува митинг во Кочани од каде порача дека првиот круг е се поблиску и „машината е залетана“.
-Се доближуваме до првиот круг од изборите, машината е залетена иде во петта брзина и кога идеш во петта брзина не можеш да го заобиколиш Кочани, овој важен град. Од овде секогаш доаѓале добри вести за мене и мојата екипа. Една мала Македонија, едвај два милиони дали сме останати, седи на иста маса со големите сили во НАТО и таму ја прашуваат за нејзиното мислење. Нас ќе не прашаат за македонските прашања, но и за сите други проблеми затоа што сме рамноправни. Не постои ниту една земја во Европа која успеала сама да се развие, да има демократија, човекови права, стабилна економија, а без да биде во Европска унија. Особено мала држава со ограничени ресурси како Северна Македонија. Македонија покажува стапки на раст какви не сме имале години наназад. Ниту во најдобрите години на претходниот режим не можеа да обезбедат странски инвестиции колку сега, рече Пендаровски.