„Наш приоритет во овој момент се уставните измени што произлегуваат од Преговарачката рамка со ЕУ, а за сите останати прашања постои јасна политичка волја да водиме легитимна демократска политичка дебата и веднаш потоа да ги завршиме и тие обврски. Во таа смисла ги повикувам сите проевропски политички партии и пратеници во Собранието да го направат својот избор. А тој избор е едноставен – или интересите на партијата или европската иднина на македонската држава“.
Ова меѓудругото е пораката што ја испрати претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање на панел дискусијата „Иднината на проширувањето на ЕУ – Кои се придобивките за Северна Македонија и Европската Унија?“, организирана од Фондацијата Конрад Аденауер, Европското движење во Република Северна Македонија и Центарот за европски студии Вилфрид Мартенс од Брисел.
-За нас, приоритетите во процесот на пристапување се ургентни. Нашата прва задача е да ја исполниме обврската што ја преземавме прифаќајки ја Преговарачката рамка што овозможи земјава по повеќе од деценија и половина со кандидатски статус конечно да ги отвори преговорите со првата Меѓувладина конференција и со процесот на скрининг“ – рече Пендаровски.
Тој додаде дека „таа обврска е јасна и неспорна и треба да ја завршиме со вклучување во Уставот на оние три и пол илјади наши граѓани кои на последниот попис се изјаснија како етнички Бугари, во преамбулата и во нормативниот дел, на идентичен начин на кој претходно беа вклучени и другите делови од народи. Со тоа уште еднаш ќе потврдиме дека почитувањето на правата на етничките заедници и мултикултурализмот на македонското општество се наша специфика со која се гордееме и не се срамиме. Додека сме фокусирани врз уставните промени, треба внимателно да ги разгледаме сите забелешки што произлегуваат од скрининг процесот, затоа што понатаму, ќе мора да бидеме подготвени на процес во кој не смееме да симулираме реформи, туку вистински да го менуваме нашиот систем. Симулацијата на реформи не само што не е во интерес на македонските граѓани, туку е и невозможна во услови кога промените ќе бидат детално контролирани од европските институции“ рече Пендаровски.
Тој порача дека владеењето на правото е почеток и крајот на сите реформи, услов без кој не може да функционира ниту еден сегмент од општеството.
-Држава која нема сила да ја совлада корупцијата и да обезбеди функционални институции не е во состојба да спроведе ниту една реформа од економијата и екологијата“ нагласи Пендаровски.