Македонски газда на транспортна фирма во Австралија финансираше снимање на химна за камионџиите

by fokus

Сопственикот на транспортната компанија ,,Климо Транспорт” во Австралија, Антонио Климоски, Македонец кој долги години живее таму, финансираше снимање на проект, песна и видео запис, која би била еден вид химна на камионџиите.

Нумерата ја изведуваат Стојне Николова и Манчи, со музика и аранжман на Бобан Мојсовски и текст на Сашо Нојкиќ.

Во интересното видео за песната, се појавуваат голем број на познати јавни личности, а и самиот финансиер и иницијатор на проектот, Антонио, кој дошол во Македонија за да учествува во снимањето.

Стојне Николова, вокалистката, раскажува за ,,Фокус” како дошло до оваа соработка со цел да се опише дел од животот на камионџиите, кој воопшто не е лесен, но на еден забавен и хумористичен начин.

-Идејата за да се направи една ваква песна е на колегата Манчи кој живее и работи во Австралија. Тој, покрај тоа што се занимава со музика, таму работи и во транспортната фирма ,,Климо Транспорт”.
Сопственикот на фирмата, Климоски, и неговата фамилија постојано ме слушале и ја следеле мојата работа, а Манчи им рекол дека ме познава и може да ги запознае со мене.
Па, така добил идеја да се направи песна за Антонио, но и за сите камионџии низ светот-раскажува Николова.

Вели дека кога и се јавил колегата Манчи, таа со задоволство прифатила да работи на проектот заедно со својот тим.

-Одлична беше идејата, првенствено бидејќи за темата камионџии и нема наши, македонски песни… па, ни беше дополнителна мотивација да направиме нешто ново и да го опишеме животот на камионџиите.

Во песната и во видеото има и хумор, а главен лик е Антонио, кој го финансираше проектот.
Одлично се снајде во таа улога. Инаку, тој дојде во Македонија за да снимаме, а се снимаше видеото и во Австралија и Америка. Целиот проект е работен долго време, со љубов, голема посветеност и голем тим. Се надевам дека ќе и се допадне на публиката и дека ќе им биде химна на камионџиите- ни изјави младата пејачка.

Таа е присутна на естрадата повеќе години и има редовни настапи во локали и учества на фолк фестивали. Во септември заминува на турнеја низ Австралија.

Актерскиот тим во видео записот е составен од Антонио Климоски, Дарко Влогс, Игор Додевски, Даниел Божиновски, Бобан Мојсовски, Бојан Кузманоски, Дадо Баровец, Гоце Пејковски, Иле Моша, Сара Мирчевскаи Ивона Каљкова. Хармониката е на Мишел Трајковски, оркестар -Џамбо Агушеви, видео продукција Даниел Јовески, режија Бобан Мојсовски, микс и мастер ХЛ Студио Момировски, стилист Викторија Бурсак, шминка и фризура Даниел Николовски.

Целата екипа се заблагодари на ,,Климо Транспорт”, ,,Дуо Транспорт”, ,,Краљевски атеље” и на сите останати помагатели и учесници.

Вики Клинчарова

Поврзани новости