Во последниот број на неделникот „Фокус“, покрај останатото, објавивме дека од претседателот Стево Пендаровски било побарано да го помилува поранешниот премиер Никола Груевски, кој побегна во Унгарија и доби азил по правосилната осудителна пресуда во случајот „Тенк“.
Но, како што наведовме, Пендаровски одбил да го направи тоа, исто какошто министерот за правда Кренар Лога одбил да застане зад најновите измени на Кривичниот законик, со кои, меѓу другото, застаруваат и неколку дела каде се гони Груевски.
Лога бил „убедуван“ да ги потпише измените на КЗ, а Пендаровски да го помилува Груевски!
Во вчерашното гостување на „Трилинг“, Пендаровски ја потврди оваа информација, истакнувајќи дека за ова бил консултиран пред 7-8 месеци на неформално ниво од „некои актери од политичката сцена“.
Сепак, тој истакна дека нема намера да го помилува експремиерот, бидејќи, според него, тоа би било рушење на правната држава, а не последните измени на КЗ, кои и самиот ги потпиша.
-Да бидам и поекплицитен – на едно неформално ниво пред 7 8 месеци некои актери од политичката сцена ме консултираа околу таа можност (помилување на Груевски), што мислам за таа можност, и реков децидно дека тоа не би го направил никогаш, бидејќи тоа би било рушење на правната држава.
Таков тип на милосрдие стои во Уставот, но не мислам дека сум султан или монарх во оваа држава. За такви кривична дејанија самиот да пресудувам и да решавам што е право, а што не е. Има судски постапки… – рече Пендаровски.
Во меѓувреме, опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку партискиот портпарол Наум Стоилковски побара Пендаровски јасно и прецизно да одговори кој барал од него амнестија на Груевски, односно кои „актери на политичката сцена“ го консултирале за оваа опција.
В.С.