Претседателот Стево Пендаровски во рамки на проектот „Лице в лице со Претседателот“, денеска ја посети општина Дебар.
Во разговорот со новинарите Пендаровски рече дека по Велес, Кочани и Тетово, Дебар е четвртиот град којшто го посетува во рамки на проектот “Лице в лице со Претседателот”.
-Сум изјавил и порано дека граѓаните не треба со своите проблеми или со своите дилеми да доаѓаат кај мене во Кабинет. Најдобро е јас да дојдам кај нив, да ги слушнам. Но, се разбира, а тоа го покажува и структурата на мојата посета, дека нема да се занимаваме само со проблемите. Мојата намера во рамки на овој проект е да ги истакнам и позитивните примери, изјави меѓу другото претседателот Пендаровски на средбата со новинарите.
Тие пак се пожалија со нивната положба ,слабиот интерес на младите за новинарството, го посочија прашањето што државната радио телевизија, како и другите национални телевизии немаат дописници,а претставниците на локалните медиуми побараа да им помогне во обезбедувањето средства за нивно нормално работење.
Пред средбата со новинарите тој ги посети манастирот „Свети Јован Крстител“ попознат како Бигорски манастир, фабриката за флаширана природна вода „Маја“, како и компанијата „Слајс пица“. Тој се сретна и со рекордерот крводартел, пензионраниот новинар Рамадан Телќиу и потомокот на познатите Мајовци, Петрит Исакоски, кој ја предводи групата Мајовци и заедно со синот Мајо изработува зурли.