Пендаровски: Очекувам нашите турски пријатели да ја потврдат поддршката со ратификација на протоколот за НАТО

by fokus

Очекувам Република Турција да ја потврди поддршката за Република Северна Македонија на нејзиниот евроатлантски пат преку ратификација на Протоколот за членство во НАТО, порача шефот на државата Стево Пендаровски, во обраќањето на ифтарската вечер на Меѓународниот балкански универзитет (МБУ) во Скопје, организирана од Амбасадата на Република Турција.

Како што соопшти Кабинетот на Пендаровски, во присуство на претседателот на Големото национално собрание на Република Турција, Мустафа Шентоп, Пендаровски истакна дека од почетокот на нашата независност, Република Турција ја поддржува Република Северна Македонија на нејзиниот европски и евроатлантски пат.

– Понекогаш можеби имавме и различни видувања за некои прашања, но секогаш сме успевале да најдеме решенија прифатливи за двете страни. Затоа, како претседател очекувам нашите турски пријатели да ја потврдат таа поддршка со тоа што ќе го ратификуваат протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО. Бидејќи со нашето членство во Алијансата ние не ги внесуваме само нашите воени потенцијали, туку и нашите вредности на соживот и почит кон различноста, рече претседателот Пендаровски.

Негов приоритет, како што се наведува во соопштението, е да придонесе за граѓанско помирување.

– Моја цел е во нашата европска држава да промовирам вредности што зближуваат, а не што разделуваат, рече Пендаровски.

Претседателот Пендаровски пред присутните упати честитки по повод светиот месец Рамазан и посака лесен пост, исполнет со радост и со бериќет.

– Иако го прославуваат само муслиманите, светиот месец Рамазан симболизира многу општочовечки вредности. Преку солидарноста кон посиромашните, Рамазан е симболичен коректив на социјалната нееднаквост во општеството. Преку заедничката трпеза, Рамазан нè потсетува на важноста на семејството и заедницата како основи на секое општество, рече претседателот Пендаровски на ифтарската вечер во Меѓународниот балкански универзитет во Скопје. 

Поврзани новости