Пендаровски: Нема Македонија да ја нема ако до 13-ти јули не постигнеме договор

by fokus

Ако на 11 и 12 јули не добиеме покана за влез во НАТО, не гледам што е пологично, освен да продолжиме да преговараме, изјави денеска националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски, додавајќи дека преговорите со Грција се уште се во рана фаза.

-Не мислам дека треба да го архивираме тоа прашање бидејќи тоа е нашата стратешка позиција. Не гледам воопшто друга алтернатива која е подобра од оваа, и од тој аспект апелирам дека нема Македонија да ја нема ако на 13 јули немаме договор – рече Пендаровски.

Истакна дека 50 отсто од исходот во преговорите зависи од македонската страна, а останатите 50 проценти од грчката страна, односно дали таа има волја да направи нормален договор, достоинствен за двете страни.

– Тука постои и трет фактор – меѓународната заедница, клучни играчи кои се во заднина, кои, исто така, имаат свои интереси дури и некои што не се формално вклучени во процесот, надвор од регонот, кои не се дел од атлантската заедница, кои на разни начини индиректно можат да го опструираат тој процес, рече Пендаровски и додаде дека немало поголема политичка волја за компромис во однос на името од оваа актуелна Влада откако сме независна држава.

Во врска со изјавата на рускиот амбасадор Олег Шчербак дека во можно сценарио на напад на НАТО врз Русија, Македонија како членка би била потенцијална мета на руски напад, Пендаровски рече дека Македонија не е закана за Русија.

– Претпоставувам дека неговата изјава тргнува од нивната најнова воена доктрина односно дека се што е НАТО за нив е легитимна цел, и особено ако на територијата на Македонија утре како членка на НАТО се инсталираат воени бази кои би можеле да бидат дополнителна закана за нив. Мојата политичка квалификација би била дека станува збор за несреќна изјава. Руската Федерација нема ниту една причина да се плаши од Македонија – денес кога не е членка на НАТО и утре кога ке стане, оцени Пендаровски.

Поврзани новости