Претседателот Стево Пендаровски не очекува придвижувања на македонско-бугарскиот спор овој месец зашто смета дека мнозинство за формирање нова влада во оваа земја ќе се направи во јануари. Единствена функционална институција таму, вели, засега е само претседателот Радев, а до 14 декември веројатно ќе се конституира и Парламентот, но со нив не може да се преговара.
Според Пендаровски, ние немаме никаква причина да се плашиме од евентуално „проширување“ на спорот од билатерален во паневропски.
Компромисот, пак, нагласува претседателот, подразбира попуштање од двете страни.
Пендаровски во вечерашното гостување на ТВ Сител укажа дека нашата декларација со ниту еден збор не ја навредува бугарската нација, а нивната е навредлива кон нас на многу точки, дека ние не сме тоа што сме и дека не зборуваме на јазикот на кој зборуваме или дека пред 1944 година сме биле нешто друго.
-Она што го зборува Димитров кога вели и јануари, тоа е само зашто не сме сигурни дека во Бугарија ќе има формирана влада. Парламентот сигурно ќе биде формиран до 14 декември, пред Европскиот совет. Роковите кај нив се слични како кај нас. Ако некој направи мнозинство, тоа ќе биде во јануари. Но, во јануари се празниците, нема да има никој во Брисел. Инаку, нека стане и повеќе од билатерален спорот, па нека видат и другите европски членки за какви во дел небулозни барања станува збор, велат едни. Ние немаме никаков проблем за да се плашиме од повеќе Европа во спорот со Бугарија, нека има повеќе Европа, но Бугарија инсистира на строга билатерала.Не гледам греда и да се сложиме на едниот или на другиот пристап, но најмалку 11, па и 12 земји во ЕУ не го сакаат тоа. Немаат намера да се занимаваат со билатерален спор. Европа не сака билатерален спор да претвори во паневропски. Вишеградската група вели – не сакаме увоз на чист билатерален спор, нагласи Пендаровски.