Кандидатите за претседател на претстојните претседателски избори денеска ја започнуваат официјалната предизборна кампања, која трае до 19 април, по што следува 24-часовниот предизборен молк и гласање во првиот круг од изборите.
Претседателскиот кандидат на СДСМ Стево Пендаровски, кој е поддржан од уште триесетина партии, меѓу кои ДУИ, БЕСА, ДПА, денеска ќе ги посети Пласниcа, Македонски Брод, Долнени, Кривогаштани и Крушево, додека на централен митинг ќе настапи во Прилеп под слоганот „Заедно можеме напред“.
Во текот на неделава, предвидено е Пендаровски да оддржи митинзи во Аеродром (вторник), во Велес (четврток), во Битола (сабота), во Берово и Делчево (петок), додека два дена му се резервирани за Скопје, така што во среда ќе оддржи конвенција во салата Борис Трајковски, а во недела трибини во Сарај, Чаир, Кисела Вода и Карпош.
Кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ и другите опозициски партии, Гордана Силјановска – Давкова, пак, кампањата денес ќе ја стартува од Охрид под мотото „Правда за Македонија, татковината повикува“, кој освен што е нејзин град, воедно претставува место од каде партијата што ја кандидира тардиционално ја започнува секоја изборна кампања.
Што се однесува до следните денови, Силјановска Давкова во вторник ќе ги посети Струга и Ресен, во среда Неготино и Кавадарци, во четврток Виница и Кочани, во петок Демир Хисар и Битола, во сабота Ѓорче Петров и Куманово, во недела во Радовиш и Струмица итн.
Единствениот кандидат-Албанец на изборите, Блерим Река, зад кого застанаа опозициските БЕСА и Алијанса за Албанците, денеска ќе ја старпува кампањата од Скопје.