Пендаровски: Не успеав да направам граѓанско помирување- тоа го сметам за личен неуспех

by fokus

На 12 мај се навршија две години откако Стево Пендаровски стапи на претседателската функција. По тој повод, го прашавме дали од оваа временска дистанца му делува неостварливо граѓанското помирување што го ветуваше во изборната кампања, затоа што впечаток е дека секоја година тие делби и омрази прогресираат.

„За жал, мора да се согласам со вашата констатација. Мојата проценка, и не е само моја, е дека политичките поделби во државата внатре, во рамки на општеството, најмногу продуцирани со реториката на спротивставените политички партии е подлабока од кога било, од 1990 година до денес. Тоа што јас не успеав да направам повеќе во тоа граѓанско или национално помирување, го сметам за свој личен неуспех“, е одговорот на претседателот на Република Северна Македонија.

На забелешката дека помирувањето не зависи само од еден човек, дека за тоа треба да постои волја и кај лидерите на партиите, Пендаровски дополнува дека делбите се особено изразени кај младите. Го наведува примерот кога пред пандемијата не успеал да направи средба со навивачките групи.

„Не успеав во тоа, затоа што дел од најголемите навивачки групи, писмено ми поставија барања, кои личат како да се политички барања на некои политички субјекти: велат би дошле во кабинетот само ако на таблата пред кабинетот не стои Северна Македонија, или да изјавиме дека Договорот во Преспа не е добар, Рамковниот не е добар итн.
Значи, не можевме да ги споиме тие млади луѓе, дел од нив малолетни, така што мора да се „честита на успехот“ за тоа како постарите и ние, политичарите ги воспитувавме овие генерации. Младите и на социјалните мрежи зборуваат со една таква екстремна националистичка реторика, која не сум ја слушал кај нас ни во 1990-тите“, објаснува Пендаровски во интервју за неделникот „Фокус“, констатирајќи дека 30 години се гледаме на нишан и наесен на пописот ќе видиме колку луѓе останаа да живеат во државава во таква атмосфера.

ЦЕЛОТО ИНТЕРВЈУ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

Поврзани новости