Моите најнови информации говорат дека во текот на следната недела треба да добијам список од Министерството за надворешни работи со предлози за амбасадори и дестинации, откри претседателот Стево Пендаровски во интервјуто за Детектор.
-Во принцип, за тоа разговарав и со министерот Никола Димитров пред неколку месеци, јас сум претежно новите амбасадори да бидат професионални дипломати од составот на МНР. Но, би се изненадил многу ако на списокот не видам и партиски предлози – прокоментира Пендаровски.
Тој откри дека по неговиот избор и понудил на опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ заеднички да ги избираат амбасадорите во Брисел и Вашингтон, меѓутоа бил одбиен.
-Од 3-ти јануар стартува техничка влада, па се поставува прашањето дали треба да пополнуваме амбасадорски места, особено таканаречни битни места, со политички предлози, бидејќи тогаш опозицијата ќе има резон да каже – чекајте, оваа политичка постава оди на избори, па ако добие 4 години нека тера, но не сега да назначува партиски амсбадори. Со професионалните никој не спори – истакна Пендаровски.
Тој информираше дека пред неколку дена го потпишал документот со кој иницирал постапка за главен воен претставник во НАТО, кој, како што рече, е еден од нашите најискусни офицери, кој патем бил дел од преговарачкиот тим со НАТО-
-Во однос на амбасадор, треба да биде човек кој ја познава проблематиката. Не смееме да се брукаме, бидејќи впечатокот какви сме како нова членка се прави на почеток. Не може да пуштиме импровизатор – порача шефот на државата.